-->

Битолските фармери сеуште не добиле пари од Сведмилк


Фармерите од битолскиот дел на Пелагонија, денеска на прес-конференција упатија јавна реакција до „Сведмилк“ поради неисполнување на ветувањето, односно исплата на долгот за предаденото млеко.

- Вчерашното јавно ветување на газдите од „Сведмилк“ не е исполнето, бидејќи сите фармери проверија во банките и констатираа дека пари на сметките нема. Заклучивме да не го предаваме произведеното млеко во „Сведмилк“ се додека првичните педесет отсто од средствата не ги добиеме, рече Кире Макаловски, фармер од селото Црнобуки.

Околу 1.200 битолски фармери очекуваат средства од предаденото млеко во изминатите седум месеци и како што рекоа, „ако бидат излажани ќе ги реактивираат блокадите на патиштата низ земјата“.

- Ситуацијата е многу тешка. Стоката е изгладнета и прунудени сме да ја продаваме. Ветувањето од „Сведмилк“ дека ќе ни дадат сточна храна е лага и проблемите се напластуваат, истакна Гоце Кантаровски, фармер од Могила.

Битолските фармери на денешната средба со новинарите посочија дека имаат отежната комуникација со новиот менаџерски тим на „Сведмилк“.

 

Copyright © 2009 selotejp.com