-->

Македонско - турски бизнис форум

Стопанската комора на Македонија во соработка со Трговската индустриска комора на Тразбон од Турција денеска во Скопје организира бизнис форум на македонски и турски стопанственици.

На форумот ќе учествуваат претставници на турски компании од повеќе стопански дејности, енергетика, градежништво и градежни материјали, трговија на големо и мало, текстилна индустрија, туризам,...

Поради големиот интерес од турските компании Стопанската комора на Македонија ќе организира форум меѓу македонски и турски бизнисмени и утре, кој ќе се одржи во Охрид.


                                                                                              [ 06-09-2009 ]

Министерот Димовски во посета на Словенија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска и утре престојува во Словенија каде ќе учествува на Меѓународниот саем за земјоделство во Горна Рабгона.

Работниот дел од посетата министерот Димовски го започна со посета и средби во општината Бенедикт, успешен пример за рурален развој. Градоначалникот на општината Милан Гумзар го запозна министерот со начинот на кој се спроведувани проектите во оваа средина и начинот на кој тие се финансирани.

Развојот и проектите спроведени во оваа словенечка општина може да послужат како пример и за развој на руралните подрачја во Македонија.

Словенија е партнер во еден пилот-проект што Македонија ќе го спроведува за рурален развој во кичевското село Манастирски Доленци, кое според вклучените во проектот од словенечка страна има потенцијал за развој на селски туризам и еко-производство.

- Во Словенија гледаме не само како на партнер, туку и на пријател, кој ни подаде рака за да одиме таму каде што се стремиме и каде треба да бидеме, рече на средбата во локалната самоуправа министерот Димовски.

Проектот „Рурално село“ ќе биде тема и на средбата на министерот Димовски со неговиот словенечки колега Милан Погачник, на која ќе стане збор и за идната соработка.

Министерот за земјоделство, шумрство и водостопанство Димовски утре ќе присуствува на Меѓународниот саем за земјоделство во Гордна Радгона, а ќе учествува и на Семинарот за проценка на ризиците - од нива до трпеза во организација на ЕФСА.

Саемот се одржува по 47-ми пат. Организатори на манифестацијата се словенечкото Министерство за земјоделство и Саемот во Горна Радгоња. Најавено е саемот да го отори претседателот на Словенија Данило Тирк.


                                                                                              [ 30-08-2009 ]

Средба на министерот Ивановски со претставници од ИКТ секторот

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски денеска ќе има средба со претставници на стопанските комори и на универзитетите во Македонија од областа на информатичко-комуникациските технологии.

На средбата на тема „Влијанието на визната либерализација врз ИКТ индустријата“ ќе бидат дефинирани и презентирани мерки за зголемување на конкурентноста на македонските информатичко-технолошки фирми при нивниот настап на европскиот пазар.


Сподели                                                                                                                 [ 26-07-2009 ]


Штрајк на грчките контролори за летање

Унијата на грчките контролори на летање за денеска најави 24-часовен штрајк во знак на протест поради слабостите на системот за контрола на воздушниот сообраќај.

Раководството на цивилната авијација во Грција побара од судските власти да го прогласат штрајкот за незаконски и штетен. Се уште не е познато дали акцијата ќе биде забранета од судот.

Грчките хотелиери се сериозно загрижени од организирањето на штрајкот на контролорите на летање.

- Ваквата акција може да се покаже како крајно негативна врз развојот на туризмот во Грција, изјави Герасимос Фокас, претседател на грчкото здружение на сопственици на хотели.

Според него, откажувањето на летовите на стотици патнички авиони сериозно ќе го засегне туристичкиот бизнис во земјата, кој и без тоа преживува тешки времиња поради глобалната економска и финансиска криза.


Сподели                                                                                                                 [ 19-07-2009 ]


Гладта во светот на рекордно високо ниво

Повеќе од една милијарда луѓе немаат доволно за јадење, за што агенција на Обединетите нации за храна (ФАО) алармира дека е највисока бројка во историјата.

Во Извештај на Организацијата за храна и земјоделство се вели дека бројот на гладни годинава ќе порасне за околу 11 проценти. Азиско-пацифичкиот регион е најтешко погоден, со 642 милиони гладни луѓе, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

ФАО за проблемот ја обвинува економската криза и релативно високите цени на храната. Цените на храната делумно опаднаа од лани, кога беа рекордно високи, но сепак се далеку над нивниот долгорочен просек.

Промените на цените на храната силно ги погодија сиромашните зашто тие веќе трошат 60 проценти од нивните приходи на храна.

Авторите на извештајот велат дека гладта е „сериозен ризик за светскиот мир и безбедност“ и ги поттикна владите да им помагаат на малите фармери со семе, ѓубриво, финансирање и технички совети.

Словенечки "Рико" ја продолжува добрата соработка со Македонија

Од раководството на „Рико“, компанија која во Македонија ја гради хидроцентралата „Св. Петка“, велат дека досегашната добра соработка со Македонија ја продолжуваат и натаму.

Покрај изградбата на хидроцентралата на реката Трeска, Јанез Шкрабец, сопственикот на „Рико“, најавува интерес за учество на новиот тендер за изградба на хидроцентралите Чебрен, Галиште и Бошков Мост, како и за и проектот Вардарска долина, односно каскадните централи на реката Вардар. -Има голем интерес од многу фирми за овие хидроцентрали, вели Шкрабец, но очекува на тендерот фер игра и од страна на оние кои ги издаваат концесиите и оние кои учествуваат на тендерот. „Рико“ веќе учествуваше на тендер за изградба на овие хидроцентрали.

„Рико“ има искуство во изградба на хидроцентрали, не само во Македонија, туку и во Словенија и Украина. Слично на она што го работи во Македонија, хидроцентралата „Св. Петка“ е „Бланца“ на Сава во Словенија, која е дел од петте хидроцентрали на реката чија вкупна исталирана моќ ќе биде 150 мегавати. Разликата меѓу „Бланца“ и „Св. Петка“, вели Матијаж Голтеш, одговорен на проектот „Св. Петка“ е теренот и геологијата, која всушност е еден од факторите што влијаеше на пролонгирање на работите и пробивање на првично предвидениот план за завршување на изградбата во 2009 година. Голтеш вели дека покрај тоа што на терен се соочиле со поинаква состојба од она утврдена со геолошките истражувања, на одложување на рокот за завршување на изградбата влијаела и промената на законодавството во Македонија, според кое уште на почетокот требало да изработат дополнителен план кој претходно при пријавувањето на тендерот не бил планиран. -Работите се интензивирани сега и се работи во три смени за да може да се завршат работите“, вели Голтеш. Од „Рико“ потенцираат дека и во однос на планираната инвестиција е претрпена промена, како и кај сите хидроцентрали што се градат во светски рамки, бидејќи цената на светскиот пазар расте и во моментов изнесува околу 2,5 милиони евра на инсталиран мегават. Оттаму, појаснуваат, и централите „Бланца“ која првично било предвидено да вредни 60 милиони евра, вредноста на крајот е 100 милиони евра.

Компанијата работи на повеќе проекти во Украина, Русија и Белорусија, а за Македонија освен делот од енергетиката велат дека се подготвени за повеќе проекти и во областа на екологијата со цел Македонија да стане еколошка земја.

-На ова поле во Македонија добро соработуваме. Почнавме со еден проект за изработка на национална стратегија за управување со отпад со Министерството за животна средина и просторно планирање, а сега ќе работиме на проект за изработка на национална стратегија за управување води, велат во „Рико“.

„Рико“ во Македонија ќе ја изработува и комунално пречистителна станица за отпадни води во населбата „Волково“ во општина Ѓорче Петров, за што веќе е потпишан договор. Проектот е вреден близу шест милиони евра за што е обезбедена и донација од словенечката Влада. Изградбата треба да заврши за три години.

Компанијата има дадено понуда и за проект за изградба на инценератор за медицински отпад.

Обама предложи реформа на финансискиот сектор

Американскиот претседател Барак Обама предложи план за реформа на финансискиот сектор, како обид за надминување на економската криза, јави радиото „Гласот на Америка“.

Во предлогот кој го упати на разгледување на Конгресот, Обама бара проширување на овластувањата на Управата за федерални резерви, која во САД извршува улога на централна банка, како и создавање на нови федерачни контролни агенции.

Доколку имаме силни финансиски институции кои ќе придонесат луѓето повторно да стекнат доверба во пазарите, тоа ќе ја забрза економската санација, наведува Обама во предлогот.

Администрацијата на Обама смета дека се работи за најголеми реформи на американскиот финансиски систем, од периодот на Големата депресија, во почетокот на 30-тите години од минатиот век.

Владините експерти посебно укажуваат на значењето што треба да ја има новото регулаторно тело за контрола врз влијанието на компаниите кои се сметаат за преголеми за да можат да пропаднат, како и значајноста на новите овластувања на федералната влада, во случај на преземање на неуспешни фирми, а пред нивен колапс.

Како важен дел од предлогот на Обама, „Гласот на Америка“ го наведува и предлогот за формирање на нови федерални агенции за финансиска заштита, кои би требало да ги заштитуваат корисниците на кредитните картички и должниците.

- Во нашиот систем на регулативи имаше пропусти и мораме да го подобриме, вели Кристина Ромеро, која е шеф на Одборот не економските советници во Администрацијата на Обама.

Според извештајот на „Гласот на Америка“, потрошувачките организации ги поздравиија предлозите на администрацијата за реформа на финансискиот сектор, но некои членови на Конгресот изразуваат страв дека новите овластувања ќе и дадат преголемо влијание на федералната влада.

- Според предлогот на претседателот, Администрацијата ќе треба да одлучи кој вид на финансиски услуги ќе биде достапен и мислам дека тоа претставува преголемо мешање на владата во финансискиот сектор, кој и така веќе има сериозни проблеми, оцени Џон Бејнер, лидер на републиканското малцинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.

Обама очекува дека и покрај разликите кои постојат меѓу претставниците на американската законодавна власт околу неговиот предлог, планот за реформите на финансискиот сектор да биде усвоен до крајот на оваа година, наведува „Гласот на Америка“.

Обединетите арапски емирати заинтересирани за соработка со Македонија

Зајакнувањето на економската соработка, инвестициите и трговската размена меѓу Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) беше главна тема на денешната средба во Скопје на министерот за економија Фатмир Бесими и министерот за надворешни работи на Обединетите арапски емирати шеикот Абдула бин Зајед Ал-Нахјан.

- Денешната средба со министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати беше продолжение на средбата од пред неколку месеци со министерот за надворешна трговија на ОАЕ. Двете посети по ред покажуваат дека има интерес од страна на ОАЕ за соработка со Република Македонија. Сметаме дека таму има добар потенцијален пазар за нашите компании, а, исто така, и потенцијал за инвестиции од нивна страна во Република Македонија, изјави министерот Бесими по средбата со Бин Зајед Ал-Нахјан.

Бесими средбите ги оцени како иницијални за почнување добра соработка и додаде дека на нив информирале за можностите на македонската економија и за активностите во областа на енергетиката и индустријата, како и за политиките и реформите за обезбедување подобра бизнис клима во Македонија.

- Се дискутираше и да се воспостават контакти меѓу институциите на двете земји за информации за постојните проекти за во наредната фаза, некаде есенва, наша делегација во која ќе има и стопанственици да ги посети ОАЕ. Посетата веројатно ќе резултира и со некои поконкретни проекти, рече министерот за економија Фатмир Бесими.

АЦВ прави сценарио за да го уништат МАТ

Агенцијата за цивилно воздухопловство направи мега проект за уништување на македонскиот авиопревозник.

МАТ денеска повторно со обвинувања дека првиот човек на АЦВ постојано презема потези со кои го валка угледот на авиокомпанијата. Се жалат дека немаат воопшто комуникација со агенцијата, единствениот одговор велат го добивале преку медиумите.

А дополнителен проблем била и второстепената комисија, која се уште не гледа приоритет да одлучува за нивната жалба.

Од АЦВ негираат дека постои намера за уништување на МАТ. Во соопштението до медиумите се вели дека со неизвршувањето на поправките на авионот, сопствениците свесно ја доведувале во прашање безбедноста на воздухопловот на македонскиот авиотранспорт.

Повторно најавуваат кривична пријава до челниците на МАТ за изнесените навреди и клевети. Но со иста мера врати и МАТ. Кривична следи и за првиот човек на АЦВ.

И додека двете страни преку суд ќе докажуваат кој повеќе навредува и клевети, најголемата загуба ја почувствуваа патниците, особено оние кои платиле карта и таа им пропадна.

Жените минуваат подобро на работа во рецесија

Жените кои се вработени во сегашнава економска криза минуваат подобро од вработените мажи, од повеќе причини. И тоа толку подобро што наскоро може да го направат женскиот род доминантен на работното место, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

До ноември минатата година, според Бирото за трудова статистика, жените сочинувале нешто повеќе од 49 проценти од работната сила што не работи на фарма. Весникот „Њујорк Тајмс“ известува дека во сегашниве услови на слаба економија на мажите отпаднале 82 проценти од изгубените работни места. Тоа делумно се должи на фактот што во индустрии како автопроизводството и градежништвото, кои најмногу настрадаа во кризата, најголем дел од работните места ги држеле мажи.

Но има и други причини зошто работната перспектива за жените е посветла од онаа на мажите. Жените заработуваат помалку од мажите на исти работни места. Тоа ги лути поборниците за права на жените, но истото ги прави жените попривлечни за работодавците кои ги намалуваат трошоците да ја преживеат кризата. Многу индустрии се ослободуваат од нивните директори и ветерани-работници, главно мажи, плаќајќи им да се пензионираат.

И, според некои проценки, жените се покажале подобри од мажите во одредени работни ситуации.

Во нејзината нова книга, Женска марка: Употреба на женски начин на размислување за успех во бизнисот, Кетрин Капута пишува дека жените се, како што вели таа, предодредени за успех во кариерата. Тие се, вели таа, поинтуитивни и посочувствителни од повеќето мажи. Тие покажуваат подобри резултати на писмени и усмени тестови што може да се критични за распоредување и напредување на работа. Капута заклучува дека тоа е така заради тоа што жените подобро слушаат од мажите, прашуваат повеќе и поставуваат подобри прашања, а посветуваат и поголема грижа во пишувањето. Но и затоа што жените, според неа, природно се подобри во поврзување со други и ги чуваат пријателите што им ги штитат интересите на работното место.

Ако сево ова е вистина и придонесува во нивниот опстанок на работа за време на рецесијата, тогаш тоа претставува радикална промена од деновите во кои мажите, со нивниот сериозен приод и нивното мото „работата доаѓа прво", беа во мнозинство пред наводно емотивните жени на работа.

Оризовите полиња во виничко се во опасност

Триесет хектари оризови површини ќе пропаднат доколку во најбрз можен рок хидросистемот Брегалница не ја пушти потребната количина на вода за наводнување, обвинуваат жителите на виничкото село Истибање.

Наместо предвидените 350 литри во секунда од браната Калиманци во река Брегалница, во најтоплите летни денови се пушта едвај 50 литри, што ни од далеку не ги задоволува потребите на земјоделците, кои навремено си ги подмириле воите долгови.

- За 2008 година, односно за ланската си ги исплативме сите долгови до денар - вели Методи Трајчев, претседател на Месна заедница во с. Истибање.

Прадоксот е дотолку поголем што во текот на зимските месеци, кога вода за наводнување воопшто не е потребна од браната се испуштаат огромни количини на вода, кои нанесуваат само штета.

- Зимно време да дојдете и да видите. Не однесе. Толку многу вода пуштаат што не поплавува. А лани во текот на летото 20 дена немавме вода - вели Трајчев.

Намалениот биолошки минимум е очигледен и во градот Штип. Дополнителен проблем направи дефектот во колекторскиот систем, од кој се ширеше загушувачка миризба.

- Чистејќи го колекторскиот систем од запушеност, кој сега е пробиен, низ него истекува голема количина на фекална материја - изјави Владимир Черкезов, државен еколошки инспектор.

Черкезов вели дека нема опасност по рибниот фонд, но се земени мостри за анализа за превентивна заштита.

Решавање на проблемите во патниот транспорт

Македонскиот транспорт тоне притиснат од светската економска криза и нелојалната конкуренција. Намален е обемот на работата, нема можност за редовно плаќање на давачките за исплата на кредити, плати, тешко се доаѓа до дозволи за работа.

Тоа се дел од оценките изнесени на денешната седница на Извршниот одбор на Стопанската интересна заедница „Македонија сообраќај“, кој оцени дека за разлика од изминатите години Министерството за транспорт презема активности за промена на состојбите, но оти и покрај тоа проблемите на терен се присутни.

Претставниците на Министерството за транспорт, кои учествуваа на седницата, ветија оти наскоро ќе почнат со издавање лиценци на патните превозници и дека ќе ги зајакнат капацитетите на инспекциските служби. Тие најавија и активности за унапредување на законската регулатива во патниот транспорт, за обезбедување соодветни контингенти за транспортни дозволи, како и за разрешување на состојбите во билатералниот транспорт со Турција, Грција и со други земји.

Петар Бежовски, управител на „Македонија сообраќај“, истакна дека од последните три месеци лани и во првите месеци од годинава обемот на работа во патниот сообраќај опаѓа со голема брзина и во зависност од сегментите се движи од 40 до 80 проценти. - Тоа е алармантна состојба, рече Бежовски и укажа на потребата од поголем ангажман на државата, бидејќи останатите веќе посегнале кон затворање на своите транспортни економии и не дозволуваат пристап на транспортери од други држави.

Раководителот на секторот за превоз на патници при „Македонија сообраќај“ Ацо Поповски оцени дека еден од најгорливите проблеми за превозниците е нелојалната конкуренција и побара дисциплинирање на дивите превозници. - Нелегалните си товарат патници, не плаќаат возач и никакви давачки кон државата, а тој што доаѓа по него иако е легален превозник собира само прашина, рече Поповски.

Според Милева Ивановска, раководител на стручните служби, поради се поголемиот пад на работата на патните транспортери како и продолжувањето на роковите за плаќање како на странските така и на домашните партнери, тие се доведени во состојба да одлучуваат дали ќе работат или ќе ги исплаќаат давачките кон државата. - Владата треба да го продолжи рокот на исплата на плати или да ја укине каматата по тој основ, но и да се заземе за што помала каматна стапка за транспортерите при користење на поволните кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот, наведе Ивановска и додаде дека транспортерите се уште чекаат одговор и на барањето за измена на Законот за ДДВ во делот на даночните ослободувања во меѓународниот превоз на патници.

Состојбата е алармантна и во товарниот транспорт, нагласи раководителот на секторот за стоков транспорт Андреја Наумовски, пренесувајќи ги штетите за македонските превозници од светската економска криза и мерките што ги преземаат одделни држави за штитење на своите транспортери. Како пример ја наведе Турција со која се одвива една третина од нашиот товарен сообраќај, а со која, според Наумовски, не се обезедени доволен број дозволи. Проблем за транспортерите ќе биде и неодамна договореното на состанокот на мешовитата комисија македонските транспортери да немаат право да возат македонски пратки од аеродромските и пристанишните терминали, рече Наумовски и додаде дека сличен е проблемот и со Грција при примената на ЦЕМТ дозволите. Македонските транспортери, укажа Наумовски, се неконкурентни во однос на колегите од странство и при плаќањето на давачката за зелените картони, бидејќи никаде во Европа не се наплаќа посебна такса за зелен картон.

Стевчо Јолакоски, раководител на сектор за сувоземен сообраќај во Министерството за транспорт и врски, рече дека веќе е испратен повик до патните превозници да достават документи за добивање лиценци. Од 31 август годинава превозниците кои вршат превоз на патници, а од 30 септември и тие кои вршат превоз на стоки, доколку не поседуваат таква лиценца нема да може да добиваат какви било дозволи, решенија, потврди и документи од ресорното министерство.

Според Јолаковски, наскоро драстично ќе се заострат условите за вршење на превозот на патници и стоки, при што покрај доусогласувањето на постојната законска регулатива во оваа сфера, со средства од ЕУ ќе се изврши и доекипирање и доопремување на Државниот инспекторат за транспорт, кој истовремено ќе добие и поголеми ингеренции особено во санкционирањето на „дивиот превоз“.

- Инспекторите во иднина ќе можат да вршат контроли и во самите транспортни фирми, чии возачи и возила се фатени на пат како работат спротивно на законската регулатива, при што на таквиот превозник ќе може и да му се одземе дозволата во период од 30 дена, а ако и потоа продолжи со дивото работење да му се одземе и возилото, што е решение како и при запленувањето на возила од страна на шумската полиција, најави Јолаковски.

Тој посочи и дека за ставање ред во делот на превозот на патници веќе се категоризирани 17 автобуски станици, за уште пет во тек е процедура, а за уште три-четири, што се во изградба, тоа ќе се направи наскоро. До септември сите автобуски станици во земјава ќе бидат категоризирани, а од тој процес ќе зависи висината на надоместоците и цените на услугите кои ќе ги плаќаат и превозниците и нивните патници.

Американските банки предвидуваат крај на рецесијата во САД кон крајот на летото

Големите американски банки прогнозираат дека рецесијата во САД ќе престане кој крајот на летото, но истовремено предвидуваат продолжена слабост на стопанството до идната година.

Шефот на економистите на банката „Џеј-Пи Морган Чејз“, Брус Касмен, кој е претседател на Комитетот на економските советници на Здружението на американските банки, очекува бруто домашниот производ на САД да се зголеми во текот на периодот јули-септември за 0,5 отсто, по проектираниот пад од 1,8 проценти во тековното тримесечје.

Шефот на Управата на федерални резерви на САД (Фед), Бен Бернанки исто така очекува зајакнување на американското стопанство и предвидува крај на рецесијата до крајот на оваа година.

Меѓутоа, американскиот пазар на трудот и натаму ќе остане проблематичен, наведуваат експертите на Комитетот, со напомена дека стапката на лицата кои се без работа во текот на првиот квартал од идната година ќе се зголеми на околу 10 отсто.

Комитетот прогнозира благ пад на стапката на невработеноста во САД на крајот на идната година до ниво од 9,5 отсто. Моментно во првата економска сила на светот, според официјалните податоци без работа се 9,4 проценти од вкупната работна сила.

Како позитивна вест аналитичарите на Комитетот ја наведуваат и стабилизацијата на побарувачката од потрошувачите, која инаку опфаќа околу две третини од американското стопанство.

Потрошувачката сега е во подобра состојба, откако кон крајот на минатата година драстично опадна, истакнува Касмен и додава дека во текот на последните неколку месеци бизнисмените ги намалиле резервите на разната стока ширум САД, а тоа треба позитивно да делува на националниот пазар на трудот.

Голем проблем и натаму останува недоволниот кредитен потенцијал на ослабениот банкарски сектор, бидејќи според најновите податоци на Министерството за финансии на САД, кредитите на групите од 20 големи домашни банки во април паднале по четврти пат во изминатата половина година.

Имено, вкупните кредити на 21 голема американска банка се намалени во текот на април во однос на март за 0,8 отсто на 4,34 билиони долари.

Комитетот исто така очекува дека во текот на 2009 година американскиот пазар на недвижности ќе зајакне, што би овозможило тој сектор првпат во последните неколку години позитивно да делува на растот на вкупното стопанство во САД.

Најнов показател дека состојбата на станбениот пазар се подобрува е податокот дека изградбата на нови куќи и апартмани во мај е зголемена, сметано на годишно ниво, за 17,2 отсто - на 532.000 единици. Аналитичарите претходно предвидуваа дека тој број нема да биде поголем од 500.000.

Касмен смета дека рекордно високиот американски буџетски дефицит, кој за оваа година е предвиден на 1,85 билиони долари, на подолг период ќе остане „јасен предизвик за стопанството во САД“, дури и ако во меѓувреме се оствари позитивен раст.

Од останатите економски показатели експертите на Комитетот укажуваат на многу ниската тековна инфлаторна стапка, која според нивната оценка, ќе овозможи на Фед да го задржи сегашното нулто ниво на референтната камата се до второто полугодие од идната година.

Потрошувачките цени во САД, исклучувајќи ги цените на храната и енергијата, ќе паднат за еден отсто до крајот на оваа година. Аналитичарите проценуваат дека инфлаторната стапка на крајот на мај е зголемена за 1,8 отсто во однос на истиот лански период.

Инаку, податоците на американското Министерство за труд покажуваат дека индексот на цените на производите во САД во текот на периодот од една година, заклучно со минатиот месец, опаднал за пет отсто, што е најголем пад на овој показател во изминатите шест децении.
 

Copyright © 2009 selotejp.com