-->

Откажани перформансите на отворено од Биеналето

Откажани се сите перформанси што денеска требаше да се одржат на отворено во рамки на Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот, поради несреќата што вчера се случи во Охридското Езеро.

Перформансите се одложени за наредните денови поради тоа што денеска е Ден на жалост, заради трагично загинатите 15 туристи од Бугарија кои вчера се удавија во Охридското Езеро.

Организаторите на Биеналето во Скопје соопштија дека сите настани во затворен простор ќе се одржат според предвидената програма.


                                                                                              [ 06-09-2009 ]

Почина писателот на две руски химни

Во 97. година од животот вчера во Москва почина познатиот руски писател Сергеј Владимирович Михалков.

Покрај тоа што многумина го паметат како детски писател и поет, Сергеј Михалков беше автор на текстови на две химни, советската и сегашната руска химна. Во еден период беше и претседател на сојузот на писатели на Русија.

Сергеј Михалков е татко на двајца познати руски режисери: Никита Михалков и Андреј Кончаловски, кој го носи презимето на мајката.

Стариот писател во последно време престојуваше во познатата болница Бурденко во Москва. Сергеј Владимирович го сметаат за класик на руската литература, поет и баснописец. Во Втората светска војна Михалков беше и воен новинар.

Во 1943 година тој го напиша текстот на советската химна, а потоа во 1977 ја направи нејзината измена. Подоцна ја напиша и химната на Руската Федерација. Сергеј Михалков е роден во Москва на 28 февруари 1913 година.

Тој е добитник на бројни награди. Неговата прва сопруга беше писателката Наталија Кончаловска, внука на големиот сликар Василиј Суриков. По смртта на сопругата, во 1997 година Михалков се ожени со Јулија Суботина.

Покрај големиот број поклоници, Сергеј Михалков имаше и многу противници во круговите на руската интелегенција. Нему, како и на синовите, многу им забележуваат што се блиски со сите власти.

Никој не им го оспорува талентот, но многумина мислат дека се „среброљупци“ и дека им е најважно да живеат комотно. Што се однесува до блискоста со политичарите на власт, тоа не може да се оспори. Очигледно, синовите го наследиле тој „талент“ од таткото.


                                                                                              [ 28-08-2009 ]

Весна Ацевска добитник на „Браќа Миладиновци“ на СВП

Жирито на фестивалот Струшки вечери на поезијата едногласно одлучила добитник на наградата Браќа Миладиновци да биде збирката поезија „Столисник“ од Весна Ацевска во издание на „Макавеј“.

Избрана е во конкуренција од 28 поетски книги. Оваа престижна награда се доделува за најдобра книга поезија меѓу две изданија на фестивалот.

„Ова признание го доживувам и како признание на влогот на мојата генерација автори, на која и припаѓам, и на нивната творечка моќ“, рече Весна Ацевска.

Директорот на Струшки вечери Коцевски информираше за новите содржини на 48-то издание на фестивалот.

„Подготовките на СВП годинава се одвиваат одлично, според нашите проценки сметаме дека ова ќе бидат едни од најбогатите Струшки вечери во последните години. Во Струга ќе гостуваат поети од 50 земји од светот“, изјави Данило Коцевски.

Годинашниот добитник на Златниот венец Томаж Шаламун ќе пристигне во Македонија уште пред почетокот на фестивалот и ќе остане до крајот, што го одбележува поетското читање на Матка.

Годинава СВП ќе издадат 20 книги од кои 10 се преводи на поезијата на наградените во разни категории.

Темата на годинашниов фестивал е Поезија и музика, па во Струга ќе настапат и интересни музичари, на сите гости ќе им биде подарена монографијата „Икони“ од Струга.

Коцевски информираше и дека прв пат на Струшките вечери, странски издавачи изразиле интерес да издадат преводи на македонска поезија.


Сподели                                                                                                                 [ 26-07-2009 ]


Почнува проектот "Крушево етно-град"

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска ќе присуствуваат на свеченото отворањето на манифестацијата „Крушево етно град“ во Крушево.

Проектот „Крушево етно-град“ претставува историски времеплов за Крушево. Градот ќе се врати 106 години назад во историјата за време на Крушевската Република. По улиците на Крушево ќе се шета локалното население облечено во униформа на комити-востаници и турски војници.

Проектот ќе трае до средината на месец август, а освен комитските и турските носии, локалното население ќе биде облечено и во староградски облеки. Униформите по примерок на оригиналните носии од 1903 година ги изработија 50-тина жени од Крушево.

Сите угостители ќе бидат облечени во староградски т.н. меанџиски носии, а голем дел од нив го сменија и ентериерот во етно стил.


Сподели                                                                                                                 [ 19-07-2009 ]


“Охрид - град на светлина“ е третиот спот за промоција на Македонија

Претставен е третиот спот во низата од спотови “Македонија вечна“, по нарачка на Владата за промоција на земјава. На видео записот според сценарио и режија на Душан Дракалски работеше 60-ет члена екипа, а неговата вредност е 80 илјади евра.

Во видео приказ од 60 секунди насловен “Охрид - град на светлината“ (“Ohrid - city of light“), маркетинг агенцијата “Њу момент Њу ајдијас компани“ раскажува приказна за впечатливиот македонски град со историја, за балканската лулка на уметсност, религијата, културата, за градот на бисерите и добрата храна, низ визуелна игра на сенки и светлина.


Ко-режисер е Марко Ѓоковиќ, директор на фотографија Слободан Трник-Трн, фотограф Ѓорги Клинчаров, а продуценти на спотот се Филип Димитров и Горан Саздановски. Спотот е снимен на локациите Плаошник, село Трпејца, Свети Наум, Света Перивлепта, стариот град, куќата на Робевци, а во него учествуваат Каролина Гочева, Мето Jовановски и Николина Кујача. Кореографијаат е на Рисима Рисимкин.


Оваа промотивна приказна за Охрид, изработена според старото име Лихнидос, ќе се емитува во две верзии, од кои за првата е користена музика на групата “Фолтин“, а за втората на композиторот Дуке Бојаџиев.

Од денес спотот ќе се емитува на телевизијата CNN.


[ 02-07-2009 ]

Нов спот на Манчевски за Македонија

„Македонски храмови“ е насловен новиот спот за промоција на Македонија на режисерот Милчо Манчевски, што деновиве премиерно ќе биде прикажан на Си-Ен-Ен.

Продолжувајќи ја темата од циклусот Македонија - вечна, овој спот го прикажува единството на природата и човекот во сакралните објекти во Македонија.

Спотот е сниман два месеци на локации во Зрзе, Варош, Матка, Вељуса, Велес, Мустафа-Пашина Џамија и ГТЦ во Скопје.

Ова е четврти спот во циклусот Македонија - вечна. Премиерниот го режираше Милчо Манчевски, вториот во серијата е на Игор Иванов - Изи, а третиот е на Ѓорче Ставревски.

Првиот спот на Манчевски освои прва награда за спот на Меѓународниот фестивал за туристички филмови и спотови во Полска, и предизвика огромен меѓународен интерес. Спорот има над половина милион посети на интернет линкови.


Актерско и тематско разнообразие

Со претставата "Лидија" на Кумановскиот театар, а во изведба на актерката Вера Ристовска, синоќа се спушти завесата на 11. Меѓународен фестивал на монодрама што веќе традиционално се одржува во Битола.

Тоа беше 12-тата и последна претстава на фестивалот, по што петчленото жири во состав: Петар Темелковски (претседател), Ангелина Роска, Нина Мазур, Трајче Кацаров, и Урсула Верденберг одлучуваше за единствената награда Гран при за најдобра претстава во целина.
Резултатот и најдобриот жирито ќе ги соопшти денеска изутрина. Покрај оваа награда се доделува уште една за која ќе одлучува публиката, составена од жири - гледачи кои во текот на фестивалот проследиле најмногу претстави. Најдобриот од оваа категорија ќе добие плакета од градот Битола.

Инаку, пет дена (17-21 јуни) фестивалска Битола живееше со актерите, монодрамски, проследувајќи ги повеќе или помалку успешните перформанси и актерски способности на уметници од Србија, Бугарија, Хрватска, Украина, Грција, Израел, БиХ, Косово, Полска, Бугарија и домаќинот Македонија. Единствените гости кои не дојдоа се оние од Молдавија.

Општиот впечаток е дека помина уште еден успешен фестивал на монодрамата во Битола, каде според реакциите и она што се говореше на тркалезните маси можеше да се види едно тематско и актерско разнообразие, кое во крајна линија продуцираше еден професионален квалитет на високо ниво. Инаку, претставници од Македонија беа и уште "Незавршена приказна" со актерката Емилија Андреева на Градскиот театар и театарот Македонија и "Кројцерова соната" со Милорад Ангелов, на Штипскиот театар.

Книгата на Ентони Капела ќе го обележи летото

Викендов читателите на Клубот „Матица“ ја избраа книгата „Песто... Паста - храна на љубовта“ од Ентони Капела за книга што ќе го обележи летото.

Со тоа и официјално почна летното продолжение во Клубот „Матица“, каде што во тек е акцијата „Со книга на плажа“, со поднаслов: „60 летни денови - 60 нови наслови“. Преку оваа акција, во „Матица“ уште едно лето ќе се обидат на читателите да им ги презентираат вистинските вредности и плодноста во искористувањето на слободното време преку читање книги. На читателите им се нудат повеќе од илјада наслови, и од македонската продукција и од американската, британската, италијанската, германската, француската и шпанската книжевност.

Скопско лето – настап на музичари од Србија и Франција

Во рамките на Манифестацијата „Скопско лето", вечерва во 20.30 часот, во Домот на АРМ концерт ќе одржи Академскиот хор СКЦ од Ниш и Камерниот оркестар при ФМУ од Скопје.

Под диригентската палка на Сузана Костиќ од Србија, ќе биде изведена вокална симфонија од Димитрије Бужаровски за хор, камерен оркестар и солисти. На улица Македонија, пак, со почеток во 22 часот, концерт ќе одржи оркестарот „Банда Рилаудс" од Франција.
Ова јубилејно 30. издание на „Скопско лето" започна вчера со настапот на Македонската опера и балет и изведбата на операта „Плаштот" од Џакомо Пучини.
Манифестацијата ќе трае до 31 јули, а ќе се одржува на 27 локации во градот на кои ќе настапат повеќе од 2.000 ликовни, музички и театарски уметници.

Организаторот, Дирекцијата за култура и уметност најави повеќе од 60 претстави, концерти, изложби, промоции и перформанси, со гости , уметници од Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Албанија, Србија, Хрватска и Бугарија.

Родољуб Анастасов меѓу најголемите генијалци во 21 век

Американскиот биографски институт го вброи македонскиот академски сликар и педагог Родољуб Анастасов меѓу 500. најголеми генијалци во светот во 21 век.

Во образложението на Управниот одбор на уредници на Американскиот биографски институт, се вели дека Институтот ги наградува успешните индивидуалци како проф. Анастасов, чии достигнувања се во повеќе области и влијаат на идните генерации поради нивните исклучителни дела и посветеност.
Биографијата на Анасатасов е вклучена во едицијата „500 најголеми генијалци на 21. век“, објавена во 2009 година.
Американскиот биографски институт е основан во 1967 и има за цел да објавува профили со факти за активни и посветени професионалци кои придонесуваат на меѓународно, национално, државно и регионално ниво.

Институтот објавува прираќници кои ги покриваат сите полиња поврзани со кариера, општество, образование..., а ги користат бизнис консултанти, истражувачи, новинари, научни работници, биографи, библиотекари, корпорации, студенти, историчари, социолози и многу други.

Готова е восочната фигура на Гоце Делчев

Осумнаесет восочни фигури, од сто и петте планирани, меѓу кои и фигурите на Јане Сандански, Гоце Делчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Крсте Мисирков, Методија А. Ченто и други, веќе се изработени од страна на Киевскиот музеј

„За реализација на проектот беа распишани два тендера. Првиот во 2007 за изработка на 40 восочни фигури на истакнати личности од македонската историја. По разработката на проектната програма на музејскиот комплекс, во која беа вклучени еминентни професори и историчари, беше одлучено дека има слободен простор и дополнителна потреба од нови 65 восочни фигури, за чија изработка беше распишан тендер во 2009 година“, појасни вчера портпаролот на Министерството за култура, Анита Јованоска, напоменувајќи дека првите 40 восочни фигури, според договорот, треба да бидат изработени до април 2010 година, додека останатите до крајот на 2011 година“. Портпаролот во оваа прилика, немаше информација дали веќе изработените фигури се префрлени во Скопје и дали јавноста ќе може да ги види пред да бидат изработени во планираниот конечен број.

Во музејскиот комплекс Музеј на македонската борба и Музеј на жртвите од комунизмот кој сеуште се гради во Скопје, ќе бидат застапени восочни фигури на истакнати личности од македонската историја, односно, како што напоменува Јованоска, на сите оние кои оставиле трага во историјата на македонското револуционерно движење, револуционери, дејци, личности од сите струи и фракции на внатрешномакедонската револуционерна организација.

Изложба на уметници од берлинската ликовна сцена

Во Музејот на современа уметност вечер ќе биде отворена изложбата „Импресии: берлинска ликовна сцена” со дела од 18 автори од Германија со различно национално потекло кои се дел од берлинската имигрантска уметничка сцена.

Меѓу нив е и македонскиот уметник Јован Балов, раководител на галеријата Прима центар Берлин.

Куратор на изложбата е Ролф Кулц Мекензи, кој ги селектираше делата на поголемиот број учесници, а тројца автори се претставуваат по избор на уметникот Балов.

- Покрај тоа што заедничкото поднебје наметнува една општа духовна и ментална клима, токму отвореноста на градот, слободата, перспективите што ги нуди, ги изразуваат и матичните ликовни поетики. Во барањето простор за сопствениот идентитет, во препознавање себеси во современото глобално општество, самопрепознавањето станува понагласено, додека толку извиканиот процес на глобализација можеби ја освестува и зајакнува потребата за идентификација, наведуваат организаторите на изложбата.

Најавено е изложбата да ја отвори амбасадорката на Германија во Македонија Улрике Кноц.

Со книга на плажа – акција на Матица

Празно делничење на плажа или дома под клима – ова е најчестата дефиниција кај Македонците како и кај многумина за летните одмори.

Некој би рекле донкихотски, некој успешна приказна – ние велиме книжарницата Матица веќе традиционално наметнува нова димензија книгата како неразделна компонента во летниот период.

Акцијата со книга на плажа или 60 нови наслови за 60 летни денови стартува утре. Македонските читатели ќе можат да избираат помеѓу илјадниците наслови на македонската, американската, британската, Италијанската, германската, француската и на шпанска издавачка продукција. На полиците на Матица и светските бестселери Играта на ангелот, Шифрата на Александар и Мандолината на капетан Корели.

Од Матица велат женскиот пол за на плажа најмногу одбира љубовна тематика, машкиот, трилер или авантура. Нашиот обид да ги прашаме Македонците што ќе одберат ова лето и по час и половина речиси неуспешен. Се надеваме повеќето не од незнаење туку од срам од камерата, не беа расположени да дадат одговор дали и што ќе читаат додека се одмораат ова лето.

Реперот секако нема да биде оваа анкета. Се надеваме дека минатогодишниот успех на Ќерката на чуварот на спомените" од Ким Едвардс која беше масовно прифатена кај публиката, нема само да ја достигне туку и претекне нешто од големата книжевна понуда оваа година - потврдувајќи дека Македонците сакаат да читаат.
 

Copyright © 2009 selotejp.com