-->

Македонија домаќин на земјоделски арт фестивал

Студентите од Факултетот за земјоделски науки и храна, од денеска до 9-ти овој месец, ќе бидат домаќини на третиот ИААС Арт фестивал, кој претставува платформа за културна размена ...

... меѓу земјите учеснички и можност за промоција на Македонија, на македонската култура, уметност, храна и обичаи.

На фестивалот, што ќе го отвори деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје Драги Димитриевски, покрај домашни, ќе учествуваат и повеќе од 40 странски претставници.

Арт фестивалот прв пат се одржа пред две години во Анкара, Турција, а минатата година домаќини беа студентите од Илиноис, САД.

Националниот комитет ИААС-Македонија за годинашниов фестивал подготвува програма во чии рамки учесниците од повеќе земји ќе можат да ги истражат убавините на Македонија.

Студентите кои ќе учествуваат на фестивалот своите уметнички таленти ќе ги покажат во неколку уметнички колонии.

Главен мотив и инспирација на фотографиите, сликите и поезијата, според организаторите, ќе бидат недопрените убавини на Македонија, како што се мегалитската опсерваторија Кокино, камените фигури од Куклица, Кратовско, манастирот Св. Тројца во село Скачковци, Колешинските и Смоларските водопади, Дојранско езеро, каде што гостите ќе се запознаат со традиционалниот начин на риболов, Тиквешкиот и Повардарскиот регион, каде што се планирани посети на неколку винарски визби и на земјоделско-прозиводни капацитети.

ИААС е Меѓународно здружение на студентите по земјоделство и сродни науки, основано во 1957 година во Тунис, чии комитети се раширени во универзитети во над 40 земји низ целиот свет. Националниот комитет на ИААС Македонија е основан во 1998 година на Земјоделскиот факултет во Скопје.


                                                                                              [ 04-10-2009 ]

Почина Коле Чашуле

На 88 години вечерва почина македонскиот романсиер, драмски писател и публицист Коле Чашуле.

Тој е роден во Прилеп во 1921 година. Чашуле бил директор на радио Скопје, уредник на списанијата „Нов ден“ и „Современост“, главен и одговорен уредник на „Разгледи“, и директор на драмата при Македонскиот народен театар.

Еден е од иницијаторите за формирање на друштвото на писателите на Македонија, а бил и негов претседател. Член е и на Македонскиот Пен центар. Во 1946 година Чашуле е член на судскиот совет што го осудува Методија Андонов - Ченто на 11-годишна затворска казна.

Чашуле бил конзул во Канада и амбасадор во Боливија, Перу и во Бразил.

Негови најпознати дела се драмите - Една вечер (1948), Последните гаврани (1950), Задруга (1950), Вејка на ветрот (1957), Бразда (1958), и Црнила (1960), романи - Простум (1970),и книги раскази - Првите дни (1950).


                                                                                              [ 22-09-2009 ]

Бродот "Илинден" извлечен од вода

По 14 дена изминати на дното, бродот „Илинден“ денеска е извлечен на површината на Охридското Езеро и се наоѓа на стотина метри до брегот.

Одвлекувањето на „Илинден“ до каналот Студенчишта најверојатно ќе се врши друг ден, за што ќе биде ангажиран брод на Министерството за внатрешни работи.

Активностите околу извлекувањето на „Илинден“ се одвиваа согласно строго утврдена процедура и план изготвен од страна на екипата на специјализираната компанија „Дубина“ - хрватската фирма за подводни активности ангажирана за извлекување на бродот од дното на езерото.

Експертите на сплитската фирма извлекувањето на бродот го извршија со специјални каиши и воздушни балони.

Комисијата, што беше формирана од страна на Министерството за транспорт и врски за утврдување на причините за несреќата, инсистираше целиот процес на извлекување на бродот од дното на езерото да го врши фирма специјализирана за такви активности, за да се избегнат какви било оштетувања на бродот што би и наштетиле на истрагата.

Бродот „Илинден“ потона на 5 септември кај Авто-кампот „Елешец“, при што со себе однесе 15 животи. Сите жртви беа туристи од соседна Бугарија.


                                                                                              [ 19-09-2009 ]

Фотографија од моментот на тонење на “Илинден“

На интернет е објавена фотографија на која се гледа бродот “Илинден“ во моментот на потонувањето. Потонал точно во 10 часот и 33 минути.





(кликни на сликата за поголема)

                                                                                              [ 06-09-2009 ]

Потона бродот "Илинден" во Охридско езеро

Во водите на Охридското Езеро, на потегот над плажата "Корали" претпладнево потона бродот "Илинден", јавува охридското радио “Супер радио“, пренесува агенцијата Инпрес. Според неофицијални информации досега се извлечени 17 мртви тела.

Според очевидците во моментот на несреќата на бродот имало група од педесетина бугарски туристи кои биле на туристички разгледување на езерото. На помош веднаш пристигнале и бродовите "Галеб" и "Александрија" кои помогнале при спасувањето на туристите од водите на езерото.

Екипи на СВР Охрид, противпожарната станица и медицински лица од општата болница во Охрид пристигнаа на местото на настанот.

Според неофицијални информации досега се извлечени 17 мртви тела. Се уште не се знаат причините за потонувањето на бродот, но се шпекулира дека потонал од претовар.


                                                                                              [ 05-09-2009 ]

Анкета на Институтот за демократија

ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 24,9 проценти има најголем рејтинг меѓу политичките партии во државата, втора е СДСМ со 9,5 проценти, трета ДУИ со 7,1, а по нив следуваат Нова демократија со 2,6 и ДПА со 1,9 отсто.

Останатите партии уживаат доверба помала од еден процент, покажува анкетата на Институтот за демократија спроведена од 1 до 3 септември на репрезентативен примерок од 1.110 испитаници.

Процентот на испитаниците кои не дале одговор на прашањето „Доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале“, или воопшто не се определиле за ниту една партија изнесува 52,4 отсто.


Меѓу политичарите најголем рејтинг има премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за кого се изјасниле 27,1 отсто од анкетираните, а следи Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, со 8,5 проценти поддршка. Од албанскиот политички блок води лидерот на ДУИ Али Ахмети со 6,7 проценти, а по него се Имер Селмани од НД со 2,9 и Мендух Тачи од ДПА со 1,4 проценти. Над еден процент (1,1%) изнесува рејтингот и на актуелниот градоначалник на Гостивар Руфи Османи. На ниту еден политичар се изјасниле дека не му веруваат 36 проценти од испитаниците.

Во однос на перцепцијата за оценката на работата на најважните домашни и странски институции со можна оценка од еден до пет, кај домашните највисока оценка добиле Владата и претседателот на државата Ѓорге Иванов со просечна оценка од 2,95 односно 2,78. Невладиниот сектор за својата работа добил оценка од 2,96, а Собранието е оценето со 2,55, опозицијата со 2,47 и судството со 2,37. Средна оценка од 2,96 добиле и странските организации.

Запрашани за мислење за водечките политичари во државата, поголем процент позитивно мислење наспроти процентот на оние што негативно се изјасниле имаат само премиерот Груевски и претседателот Иванов за кои позитивно се изјасниле 46,8, а негативно 32,7, односно 37,6 наспроти 33,1 процент. Поголем негативен процент во однос на оние со позитивно мислење имаат Селмани (позитивно 35,5% - негативно 40,5%) Црвенковски (позитивно 23,4% - негативно 51,3%), Ахмети (позитивно 19,7% - негативно 54,4) и Тачи (позитивно 9,7% - негативно 65,5%).

Мнозинството од анкетираните граѓани ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

На прашањето како би гласале на референдуми за влез во ЕУ и во НАТО, поддршка за ЕУ искажале 83,9 проценти од анкетираните, а за НАТО се определиле 83,1 отсто. Негативен став во однос на двата референдума имаат осум проценти од испитаниците.



                                                                                              [ 06-09-2009 ]

Православните Христијани ја славеа Голема Богородица

Православните христијани денеска го слават големиот празник Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Голема Богородица.

Успение на Пресвета Богородица е еден од 12. најголеми христијански празници и е посветен на денот кога таа прешла од земскиот во небескиот свет.

Преданијата кажуваат дека Богородица често одела во Еленската гора молејќи го Господ да ја земе на небото. Еднаш и се јавил архангелот Гаврил и и кажал дека ќе умре за три дена. Непосредно пред нејзината смрт се слушнале грмотевици, а се собрале и сите апостоли. Просторијата во која била Богородица силно почнала да сјае кога, според преданијата, по неа се симнале Исус Христос и ангелите за да ја однесат на небото.

Богородица се смета за заштитник на бремените жени, децата и на семејството, а многу цркви, манастири и други светлишта го носат нејзиното име или и се посветени на неа. Обичај е од Голема до Мала Богородица (21 септември) да се берат лековити билки.

Македонската православна црква и православните христијани во Македонија традиционално го одбележуваат празникот со свети литургии и црковно-народни собири. Големи народни прослави и годинава ќе се одржат во манастирот во Матка крај Скопје и во манстирскиот комплекс во Лешок, како и на повеќе други верски обележја, кои и се посветени на Богородица.

Успение на Пресвете Богородица во Македонија се одбележува како државен празник и е неработен ден за верниците од православната вероисповед.


                                                                                              [ 28-08-2009 ]

Лидерска средба посветена на евроатлантските процеси

Лидерите на најголемите парламентарни политички партии, денеска треба да одржат заедничка средба на која ќе се разговара за прашања важни за ЕУ и НАТО интеграцијата.

На средбата што ја иницира премиерот Никола Груевски, своето присуство го потврдиле првите луѓе на СДСМ, на ДУИ и на Нова Демократија, Бранко Црвенковски, Али Ахмети и Имер Селмани. Лидерот на ДПА Мендух Тачи не потврдил дека ќе учествува во разговорите, информираат од Кабинетот на премиерот Груевски.

Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски вчера испрати писмо со покана за лидерска средба до првите луѓе на најрелеватните парламентарни партии во земјата.

Првпат покана за учество на лидерска средба доби претседателот на Нова Демократија Имер Селмани за, како што објаснуваат од Владата, Албанците да имаат релеватни претставници на средбата. Лидерот на ДПА Тачи ја напушти последната лидерска средба што се одржа пред вонредните парламентарни избори во март.

Оваа лидерска средба се одржува во пресрет на извештајот на Европската Комисија за прогресот на Република Македонија и севкупните Евро-атлански интеграции кои, како што наведе премиерот во поканата, се од големо значење за Македонија. Разговорите ќе бидат во контекст на продолжување на редовните консултации на Владата со релевантните политички субјекти во земјата.

Се очекува на средбата претставниците на политичките партии да ги усогласат ставовите и да се изнајде политички консензус за реформите и останатите суштински прашања од значење за ЕУ и НАТО перспективите на Македонија.

- Владата на Република Македонија ги прави сите неопходни напори за да добиеме позитивен извештај од Европската комисија, но и во контекст на целата евро-атланска агенда, и во таа насока е и оваа иницијатива, се наведува во писмото што вчера премиерот Груевски го испрати до лидерите на најрелевантните парламентарни партии во земјата.

Лидерската средба се одржува еден ден по посетата на еврокомесарот за проширување Оли Рен на земјава, кој упати јасна порака дека ова може да биде година на Македонија доколку земјата успешно ги доисполни условите што произлегуваат од осумтте одредници од извештајот на ЕК за напредокот на земјата. Реални се шансите Македонија на есен да добие датум за преговори за членство во ЕУ, смета Рен кој ја пофали Македонија за исполнувањето на условите за визната либерализација.


Сподели                                                                                                                 [ 26-07-2009 ]


Се повеќе дрога и зависници во училиштата низ Македонија

Околу пет отсто од 4.500 анкетирани средношколци одговориле дека дрогата може да се најде во училиштата, покажува истражувањето од минатата година, кое ги опфатило само 16-годишниците во 22 града и во две третини од средните училишта во Македонија.

Според истражувањето на невладината „Контакт“, 5,5 отсто искусиле марихуана, а од нив 10,4 се ученици од Скопје. Според компаративните анализи, има пад на процентот зашто во 1999 година на ниво на држава марихуана пробале 8,1 отсто. Помалку од еден процент од испитаните имале контакт со други видови дрога. Најмногу (шест проценти) земале седативи и клупски дроги.

До 2011 година треба да биде подготвена национална програма за превенција од злоупотреба на дроги во училиштата во Македонија. Од 2008 година се спроведува проект со обуки и програми кои ќе послужат за изработка на ефикасна и функционална програма. Се користат искуства од земјите на Европската унија, а реализатори се невладината организација ХОПС - Опции за здрав живот и Институтот од Холандија за ментално здравје и зависност - Тримбос. Проектот е финансиски поддржан од програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Холандија.

Во втората фаза на проектот која ќе почне од септември ќе се вклучи и Министерството за образование и наука. Министерот Никола Тодоров денеска потпиша меморандум за соработка со претставниците на ХОПС и Институтот Тримбос.

МОН ќе ги набљудува и проценува активностите во трите средни училишта на пилот-проектот - „Боро Петрушевски“ во Скопје, „Никола Штејн“ во Тетово и „Јане Сандански“ во Струмица. Во првата фаза е подготвен прирачник за превенција од дроги, а во следната фаза обуките ќе бидат фокусирани на доедукација на наставниците. Во соработка со МОН ќе биде формирана и експертска група за воспоставување и проширување на програмата за превенција од злоупотреба на дроги во другите училишта во Македонија.

- Програмите од проектот ги вклучуваат семејствата и заедницата преку нивно активно учество при утврдување на проблемите, потребите, изнаоѓањето решенија и спроведување на активностите, истакна министерот Тодоров.

Холандската амбасадорка Симоне Филипини рече дека Холандија има добра политика за проблемот иако, како што рече, нивниот пристап кон дрогата, како и кон сексуалноста и евтаназијата, многу други европски земји го сметаат за неприфатлив и премногу либерален.

- Но, мислам дека оваа соработка ќе каже нешто друго, зашто резултатите на нашите политики се многу добри. Суштината на нашиот пристап е во врска со отвореност, слободен избор и со толеранција кон одредени избори, пристап кон услугите и декриминализација. Македонија зема прогресивен и модерен пристап кон обучувањето и подучувањето на децата како да се однесуваат со дрогата, рече Филипини и додаде дека Институтот Тримбос е одличен избор за соработка поради неговото богато домашно и меѓународно искуство.


Сподели                                                                                                                 [ 19-07-2009 ]


Нов сомнителен случај на заболен од грипот H1N1

На Клиниката за инфективни болести во Скопје во последните 24 часа е примен нов случај со симптоми сомнителни за новиот тип инфлуенца А (Х1Н1).

Пациентот, како што соопшти Министерството за здравство, претходно бил на патување во Црна Гора и на Клиниката се јавил со симптоми на болки во грлото и покачена температура.

На Клиниката се хоспитализирани вкупно пет пациенти, а лекувањето е завршено кај четворица и тие се пуштени дома.

Здравствената состојба на хоспитализираните лица е стабилна и покажува прогресивно подобрување, се наведува во соопштението од Министерството.



Сподели                                                                                                                 [ 11-07-2009 ]


Два слаби потреси во валандовско

Земјотрес со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала утринава во 6 часот и 49 минути е почувствуван во Богданци.

Предходно земјотрес бил почувствуван во 6:15 часот во Валандово, Гевгелија, Богданци и околните населени места со интензитет од 3 до 4 степени според Европската макросеизмичка скала

Како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, епицентарот се наоѓа на околу 130 километри југоисточно од Скопје и потекнува од валандовското епицентрално подрачје.

Седница на собраниската комисија за финансирање и буџет

Во Собранието на Република Македонија денеска седница ќе одржи Комисија за финансирање и буџет.

На дневниот ред на седницата се Годишниот извештај на Народната банка на Република Македонија за 2008 година, Извештајот на НБРМ за управувањето и ракувањето со девизните резерви во 2008 година и Извештајот на НБРМ за банкарскиот систем и банкарската супервизија во Република Македонија во 2008 година.

Поддршка на МОН за проектот "Не плаши се, пријави корупција"

Министерот за образование и наука Перо Стојановски денеска ќе потпише меморандум за соработка со невладината организација „Коалиција на млади организации - СЕГА“ за имплементација на проектот „Не плаши се, пријави корупција“.

Целта на проектот е да ги информира студентите за негативните влијанија на корупцијата во образованието, воспоставување нови методи за пријавување корупција во високото образование и зајакнување на капацитетите на студентските правобранители на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип.
 

Copyright © 2009 selotejp.com