Евроамбасадорот Ерван Фуере денеска се сретна со сите шест кандидати за градоначалник на Тетово.
На заедничката средба тие му ветиле дека ќе се заложат изборниот процес да помине во фер и демократска атмосфера.
- Денешната средба беше со цел да се сретнам со сите кандидати за градоначалник на Тетово. Мило ми е што сите одговорија на мојата покана. Уште еднаш ја подвлеков важноста што ја имаат овие избори за европската иднина на Македонија и за одговорноста која ја имаат сите за да придонесат во позитивната клима на изборите, рече по средбата Фуере.
Тој истакна дека сите се согласиле дека мора да се испрати позитивна порака уште на почетокот од кампањата за да се минимизираат и елиминираат сите обиди за нарушување на процесот и позитивната атмосфера на изборите.
- Избори без насилство и неправилности и избори на кои секој ќе може слободно да гласа за кого сака, не само што се услов за Европската унија туку се и доказ за европскиот капацитет и зрелоста на државата. Тоа го заслужуваат и го очекуваат граѓаните од политичарите, рече Фуере.