-->

Пет години од загинувањето на Претседателот Трајковски

Петгодишнината од трагичното загинување на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски ќе биде одбележана со полагање цвеќе пред неговиот споменик во Струмица.

За ликот и делото на вториот македонски претседател кој животот го загуби на 26 февруари 2004 година во авионската несреќа кај Мостар, ќе зборува градоначалникот Зоран Заев, по што членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ ќе настапат со пригоден рецитал.

Во знак на почит и пиетет кон претседателот Трајковски, во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и годинава во Градскиот парк во непосредна близина на споменикот „Македонија“ ќе биде засадено спомен дрво.

Вечер во организација на средношколската унија на Македонија во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде одржан традиционалниот натпревар во ораторство на тема „Претседателот“, на кој ќе учествуваат ученици од средните училишта во градот. За најдобрите настапи се предвидени три награди од по шест, пет и четири илјади денари.

Годишнината од смртта на Борис Трајковски по традиција ја одбележуваат и алпинистите од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија кои минатиот петок тргнаа на петдневен планинарски марш до Скопје, каде што по изминатите 200 километри ќе се вклучат во чествувањето на петгодишниот помен на градските гробишта Бутел и ќе се поклонат пред вечното почивалиште на претседателот Трајковски.

 

Copyright © 2009 selotejp.com