-->

ЕУ го отфрли говорот на Ахмадинеџад

Европската унија го отфрли говорот на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во кој тој го нарече Израел за расистички режим, но од сите членки на Унијата кои учествуваа на конференцијата, само Чешка, претседавач со Унијата, го напушти собирот во знак на протест.

- Европската унија најодлучно го отфрлува говорот на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, во кој Израел е окарактеризиран како расистички режим, се наведува во соопштението на чешкото претседателство.

Четири членки на ЕУ - Италија, Полска, Германија и Холандија, однапред најавија дека ќе ја бојкотираат конференцијата на ОН за расизам, поради стравувањето дека би можела да биде искористена како платформа за напади врз Израел.

Покрај нив, собирот во Женева го бојкотираа и Канада, Израел, САД, Австралија и Нов Зеланд.

Претставниците на преостанатите 23 европски држави го напуштија вчера форумот кога Ахмадинеџад изјави дека Израел, „под изговор на еврејски страдања“, после Втората светска војна ја окупираше палестинската територија, но сите, освен чешкиот делегат, по завршувањето на иранскиот претседател се вратија во салата.

Членките на Унијата, кои останаа на конференцијата порачаа дека немаат „значајни замерки за нацрт-документот и подготвени се во петок да го поддржат неговото усвојување“, соопшти Чешка.

Земјите нагласија дека очекуваат конференцијата да биде одржана во „духот на заемно почитување и достоинство“.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во обраќање пред учесниците на Меѓународната конференција за прашањата на расизмот, вчера го обвини Израел за расизам кон Палестинците.

- По завршувањето на Втората светска војна, сојузниците прибегнаа кон воена агресија, за да го лишат еден цел народ од неговата земја, при што за да го оправдаат тој чекор го користеа страдањето на еврејскиот народ, нагласи Ахмадинеџад.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун претходно вчера изрази жалење поради одлуката на одредени земји да ја бојкотираат конференцијата, која денеска со учество на повеќе од 30 држави, почна во Палатата на нациите во Женева. - Длабоко жалам што некои избраа да бидат на страна. Се надевам дека тоа нема долго да трае, наведе Бан Ки-мун.

САД и натаму сакаат дијалог со Иран и покрај говорот на иранскиот претседател пред учесниците на Меѓународната конференција за прашањата на расизмот во Женева, во кој тој го обвини Израел за расизам, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот, Роберт Вуд. - Сакаме директен дијалог со Иран, но Иран треба да се откаже од таквата ужасна реторика, рече Вуд на прес-конференција во Вашингтон.

 

Copyright © 2009 selotejp.com