СДСМ денеска на прес-конференција ги критикуваше антикризните мерки на Владата.
В.Д. лидерот на партијата во Струмица Зоран Заев истакна дека со последните активности и мерки за ублажување на кризата може да се констатира дека владиниот економски тим не само што не знае, туку очигледно не сака да и помогне на македонската економија.
- Пред четири месеци Владата тврдеше дека растот на македонската економија, и покрај кризата, ќе биде 5,5 отсто, за да соопшти дека сега тој раст ќе изнесува само еден процент, изјави Заев.
Тој ја обвини Владата за затворање бројни производствени погони во земјава, за отпуштање од работа на над 35 илјади работници и за секојдневно продлабочување на сиромаштијата во државата.
- Ребалансот на буџетот е мерка за мало освестување на власта, а не помош за стопанството, вели Заев.
В.Д. лидерот на најголемата опозициска партија праша како замрзнувањето на платите на државната администрација, на пример, ќе им помогне на македонските фирми и како забраната за нови вработувања во јавниот сектор ќе им го олесни животот на граѓаните.
- Новото задолжување на државата преку скапи кредити од странски комерцијални банки ќе значи само ново оптоварување на граѓаните кои повторно од својот џеб ќе мора да ги враќаат тие кредити, рече Заев.