Студијата, објавена во „Experimental Aging Research“, покажува дека постарите лица кои не веруваат во негативните стереотипи, како на пример дека губењето на помнењето е нормална појава, на постари години покажуваат подобри резултати на тестовите за меморија за разлика од другите лица кои веруваат во таквите тврдења.
- Старите лица полошо ќе ги решаваат тестовите за помнење ако им се каже дека постарите лица потешко ги решаваат таквите тестови, изјави др. Том Хес, автор на студијата.
Лицата од првата група кои верувале во негативните стереотипи и сметале дека се стигматизирани и маргинализирани поради своите години покажале значително послаби резултати од оние од втората група.
- Ваквите ситуации можат да бидат составен дел од секојдневното искуство на постарите лица, како на пример, загриженоста за тоа што останатите колеги на работа мислат за нив. Тоа негативно се одразува врз нивните перформанси. На тој начин се зајакнуваат негативните стереотипи, вели Хес.
Сепак, од друга страна, старите лица кои имаат позитивен став за стареењето имале подобри резултати на тестовите за помнење.
- Пораката на студијата е дека социјалните фактори можат да имаат негативен ефект врз помнењето на старите лица, истакна Хес.