Познатите македонски оперски пејачи Борис Трајанов и Благој Нацоски, како и хорот „Св.Злата Мегленска“, заедно со светски познати музичари од 12 држави, како претставници на четири религии, в понеделник, во театарот „Ла Фениче“ во Венеција ќе настапат на концертот за мир на УНЕСКО: „Музика за дијалог и помирување“.
Славната италијанска актерка Клаудија Кардинале, амбасадор на добрата волја на УНЕСКО, ќе биде почесен гостин и модератор на свечениот концерт. На иницијатива на УНЕСКО уметниците треба да ја испратат пораката дека музиката нема културни и географски бариери. Како клуч за помирување музиката ќе го промовира дијалогот меѓу културите.
- Музиката е нематеријално наследство, израз на мноштво и различното во културата;. Музиката ги поттикнува културите да комуницираат без оглед на нивните разлики, вели Франсоа Ривиер, асистент за култура на генералниот директот на УНЕСКО, Коичиро Мацура.Во истиот ден, на истото место ќе бидат промовирани зборникот „Охридски пораки за мир и соживот“ и дивиди-изданието, кои произлегоа од големата Меѓународна конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, што се одржа пред две години во Охрид, под покровителство на УНЕСКО. Зборникот ќе го претстави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
- Амбиентот на најпознатата оперска куќа „Ла Фениче“, која е дом на многу светски оперски премиери и на истакнати светски уметници е вистинското место од кое Република Македонија до целиот свет ќе ја испрати пораката за мир, соживот, толеранција, истакнувајќи го своето значење и место на мапата на земјите-лидери во промовирањето на мирот и дијалогот. Македонија ќе им даде поддршка на активностите за меѓукултурен и меѓурелигиски дијалог, како и на процесот на градење мир во Југоисточна Европа - вели Канческа-Милевска.
Зборникот е испечатен на шест светски јазици. Македонската промоција ја доживеа во октомври лани. Енгелберт Роус, директор на Регионалното биро за наука и култура во Венеција, го истакна огромното значење на овој зборник, кој ќе се дистрибуира и до сите конзуларни претставништва на Република Македонија во светот. Тој неодамна беше наш гостин на вториот состанок на Меѓународниот комитет за организирање на следната конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, што во 2010 година повторно ќе се одржи во Македонија. На концертот ќе присуствува и Руос, министерот за култура на Црна Гора Бранислав Миќуновиќ, градоначалникот на Венеција и високи личности од културниот и политичкиот живот на Италија. УНЕСКО има главна улога во охрабрување на културниот дијалог меѓу граѓаните и владините лидери. УНЕСКО ја поттикнува меѓукултурната размена интегрирајќи ја музиката преку образованието.