Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство во Скопје вчера поднесе кривична пријава против четири лица сите од Скопје, вработени во Министерството за одбрана и АРМ, К.С.(54), началник на Сектор Г-1 при Генералштаб на АРМ, С.С.(51), главен подофицер, И.С.(56), раководител на одделението за плати и З.З.(44), советник-проектант за развој на информциски системи, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“
Пријавените во текот на 2006 и 2007 година, со цел да овозможат како за себе, така и на други три лица, нивни колеги од Министерството за одбрана и АРМ да се стекнат со подобри услови за пензионирање и да обезбедат повисок износ на пензии, спротивно на законските прописи изготвиле фалсификувани уверенија за движење на личниот доход за време на работењето во поранешна ЈНА, каде ја зголемиле висината на платите кои ги примале за тој период и истите ги употребиле како вистински.
Искористувајќи ги можностите што им ги овозможиле работните места и постојаните службени контакти со Фондот за пензиско и инвалидско осугурување на Македонија, врз основа на претходно изготвени фалсификувани уверенија, изготвиле Пријави на податоци за утврдување на стажот на осигурување и личниот доход, (образец М-4) и дискети во кои ги ставиле лажните износи на примени плати и истите ги доставиле во Фондот за ПИОМ, заради внесување на презентираните лажни податоци во евиденцијата на Фондот.
Евиденциите за утврдување на стажот за осигурување и платата на воените и други лица, се воделе во Секторот Г-1, односно во Управа за персонален менаџмент и морал, при Генералштабот на АРМ, со кој раководел првопријавениот од каде почнувала иницијативата за утврдување на пензискиот стаж и висината на платата. За подготвување на податоците од персоналните досија бил задолжен второпријавениот кој бил директно подреден на првопријавениот К.С.
Второпријавениот изработените податоци, по контролата од страна на првопријавениот, ги доставувал во Одделението за плати при Секторот за финансии и управување со ресурси, кај раководителот, третопријавениот И.С.. Во Одделението за плати се проверувале и внесувале податоците во компјутерската апликација, а потоа И.С. ги доставувал кај четвртопријавениот З.З., кој ги изготвувал обрасците М-4, во кои ги внесувал податоците што претходно биле внесени во компјутерската евиденција. По изготвувањето на образците М-4, З.З. истите ги носел кај третопријавениот, кој по извршените проверки во образците М-4, ги потпишувал и ги враќал кај првопријавениот, кој пак ги проверувал им ставал печат, а од страна на второпријавениот С.С. биле носени во Фондот за ПИОМ.
Пријавените со прикажување на лажни податоци во образецот М-4 го зголемиле износот на пензиската осоновица во Фондот за ПИОМ, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.