-->

УЕФА – осум години суспензија за Победа


Двократниот македонски фудбалски шампион Победа, е казнет со осумгодишна забрана за настап во сите евронатпреварувања.

Во одлуката што ја соопшти УЕФА се образложува дека Победа е казнета заради лажирање на мечот против ерменски Пјуник во рамки на првото квалификациско коло во ЛШ на 13 јули во 2004 година.

Дисциплинската комисија на УЕФА ги казни и претседателот на прилепска Победа Александар Забрчанец со доживотна забрана да извршува каква и да е активност во фудбалот, како и поранешниот капитен на клубот Николче Здравески со осумгодишна суспензија од сите натпреварувања под знакот на УЕФА.

Со истрагата, како што е соопштено, е утврдено дека сите суспендирани ги прекршиле принципите на интегритет и спортско однесување со манипулирање на конечен исход на меч во рамките на УЕФА со цел да стекнат предност за себе и трета страна.

Обвинението против Победа, нејзиниот прв човек, и еден фудбалер, се темели на извештаи прибрани од обложувалниците за вештачко кревање на коефициентот за односниот натпревар и изјави на неколку очевидци.

Одлуката е донесена по седумчасовно заседавање на Дисциплинската комисија на УЕФА, за време на кое биле сослушани претставници на Победа, како и како и експерт за обложување.

УЕФА соопшти дека ќе побара примена на овие суспензии и од страна на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

За УЕФА беше сомнителен првиот меч меѓу Победа и Пјуник, одигран во Скопје во кој гостите славеа со 3:1 го головите на Манучарјан во 15 и 41 минута и Ховханисјан во 26 минута, почесниот погодок за прилепчани беше дело на Гешоски во 80 минута. Реваншот во Ереван заврши без победник - 1:1 и во следната рунда се пласира ерменскиот шампион.

 

Copyright © 2009 selotejp.com