-->

Ето и Барса нижат рекорди


Со последниот гол против Севиља, Камерунецот Самуел Ето дојде до бројката 27 лигашки голови, со што го надмина личниот рекорд од сезоната 2005/06. Барса пак, со новата победа за прв пат оствари 26 победи во една сезона, а до израмнување на рекордот на Реал и треба уште две.

Ето сезонава е беспрекорен. Постигна веќе 27 гола и тоа на само 26 натпревари. Или во превод, нешто повеќе од гол по натпревар. Единствена конкуренција за Златната копачка е напаѓачот на Валенсија Давид Виља кој има два гола помалку. Ето во Примера заби вкупно 159 голови – 105 за Барса и 54 за Мајорка.

Со вчерашната победа против Севиља од 4:0, фудбалерите на Барса го срушија и клупскиот рекорд. За првпат откако во Примера играат 20 екипи, односно 38 кола, постигнаа 26 победи. Досега во пет наврати имаа 25 победи, а рекордот на Реал кој лесно може да биде надминат изнесува 28 победи уште од сезоната 1987/88.

28 победи Барса имаше во сезоната 1996/97 со Роналдо во тимот, но тогаш во првата лига играа 22 клуба, односно 42 кола. Истата сезона постигнаа и најмногу голови во историјата на клубот 102. Во оваа сезона досега имаат постигнато 92 голови, што исто така е клупски рекорд кога се во прашање првенствата со 38 кола.

 

Copyright © 2009 selotejp.com