-->

Opel Insignia OPC

По шпиунските фотографии и видео клипови, месеци нагаѓање и фотошоп рендери, конечно го дочекавме наследникот на Vectra OPC. Боите на Opel Performance Center ќе ги брани Insignia OPC, на која многумина од сега и предвидуваат светла иднина.

Insignia OPC, барем на хартија ги има сите потребни елементи кои би требало да ја направат прилично лут конкурент во инаку прилично затрпаната класа. Освен што изгледа одлично, Insignia OPC „пука“ од сила, а и за прв пат инженерите од Russelsheim вметнаа погон на сите четири тркала во еден OPC модел. Доколку спомнеме дека шасијата е активно тестирана и усовршувана на една од најтешките тркачки патеки - германската Нирбургринг Нордшлајфе, не треба да не чуди што од Opel се прилично оптимисти кога е во прашање иднината на овој автомобил.

Insignia OPC визуелно ги искористи дизајнерските елементи кои пред две години ги видовме на концептот GTC. Тука пред се мислиме на хромираните вертикални всисувачи на воздух на предниот браник, кои освен што на автомобилот му даваат исклучително агресивна нота делотворни се и за Brembo сопирачките и моторот, фелните од лесна алуминиумска легура кои Opel на Insignia OPC стандардно ќе ви ги понуди во варијанта од 19 цола (со можност за 20-ка, со доплата), како и трапезоидниот двоен излез на издувните цевки од позади.

Со ентериерот доминираат школкастите Recaro седишта, менувачот обложен со кожа како и алуминиумските папучи за гас, кочница и квачило. Најважните вести сепак се кријат под хаубата. Битурбо 2.8 литарскиот бензинец V6 од Vectra OPC е преработен, па сега развива 321 КС, односно дури 69 КС повеќе. Моторот е опремен со шесто-степен менувач, а за прв пат кај еден ОРС модел имаме сила и вртежен момент кои се пренесуваат интегрално на сите четири тркала.

Insignia OPC спринта до стотка за помалку од шест секунди и постигнува електронски ограничена максимална брзина од 250 km/h. Сепак, многу е интересен непроверениот податок дека за време на тестирањата во Нирбургринг Нордшлајфе тест возачите успеале да ја извозат патеката за осум минути. Иако до првото официјално тест возење ќе се изначекаме, видео парчето на Insignia во акција кое ни го отстапи Opel покажува добри динамички особини на автомобилот.

Insignia OPC ќе биде понудена во сите три облици на каросерија - лимузина, хечбек и караван, со можни пет специјални нијанси на премази - син, црн, црвен, сребрен и бел. Светската премиера е закажана за 7-ми мај во автосалонот во Барселона, а продажбата би требало да почне во третиот квартал на оваа година.

 

Copyright © 2009 selotejp.com