-->

Потрошувачката кошничка во април 12.730 денари

Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалаци за едно четиричлено домаќинство за април годинава, пресметана врз основа на цените на мало изнесува 12.730 денари и во однос на претходниот месец е пониска за 0,7 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на мало во април во однос на претходниот месец се повисоки за 0,2 отсто, а трошоците за живот се за 0,2 отсто пониски

Намалувањето на трошоците на животот е резултат на пониските индекси на млечните производи за 5 отсто, свежото и киселото млеко за 3,2 отсто, мастите за 2,6 отсто, производите од жито за 2,5 отсто, јајцата за 0,8 отсто, преработениот и конзервираниот зеленчук за 0,6 отсто и преработеното овошје за 0,2 отсто.

Намалување на индексите е забележано и кај сообраќајните средства за 1,6 отсто, обувките за еден отсто, облеката, средствата за образование и останатите услуги, неспомнати на друго место за 0,5 отсто, покуќнината и превозот на патници за 0,4 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во април, во споредба со претходниот месец, е забележан кај овошјето за 4,2 отсто, зеленчукот за 2,9 отсто, месото за 1,8 отсто, сувото овошје за 0,7 отсто, рибата за 0,3 отсто и преработките од месо за 0,2 отсто. Пораст на индексот на трошоците на животот е забележан кај нафтените деривати за 3,6 отсто, услугите за нега и хигиена за 1,2 отсто и храната и пијалаците во хотели и ресторани за 0,4 проценти. Непроменет останат индексот кај тутунот и пијалаците.

Индексот на цените на мало во април 2009 година, во споредба со април 2008 година, бележи намалување од еден отсто, а трошоците на животот бележат намалување од 0,5 отсто.

 

Copyright © 2009 selotejp.com