-->

Видео: Дебакл на Реал во Класико


Во најголемото шпанско дерби Барселона го понижи Реал среде Мадрид со неверојатни 2:6.

Реал добро го отвори Класикото, особено Арјен Робен кој како молња поминуваше по десната страна. Токму така и падна првиот гол во 14 минута. Холанѓанецот го проигра Рамос кој нафрли во казнетиот простор на Каталонците, а таму највисок беше Хигуаин за 1:0.

И толку од Реал. Веднаш потоа Барса ја пушти во погон својата машинерија и по четири минути подоцна стигна израмнувањето. Анри и Меси со дупли пас ја исфрлија цела одбрана на Реал, а Французинот одлево пласираше покрај немоќниот Касиљас.

Две минути подоцна гостите заводеа. Чави изведе слободен удар, а највисок во 16-никот беше Пујол и го постигна првиот гол сезонава. Рапсодијата на Барса продолжи. Прво во 24 минута Меси излезе сам пред Касиљас, кој испадна како победник, а три минути подоцна Ето измами нова парада на голманот на Реал.


Во 29 минута Иниеста и Меси со врвна малофудбалска акција ги изиграа противниците, но Касиљас повторно го спаси својот клуб. Во 33 минута Меси се обиде да го лобува Касиљас кој повторно одбрани, но три минути подоцна веќе беше 3:1. Диара кардинално погреши, топката дојде до Меси кој ритунски пласираше во противничкиот гол.



Во второто полувреме Реал најави дека може да се врати. Во 56 минута Робен нафрли од слободен удар, а во петерецот Серхио Рамос непречено стрелаше со глава за 2:3. И кога се чинеше дека Мадриѓаните ќе смогнат сили да се вратат, Барса покажа дека моментално е за класа подобра од Реал.


Само две минути по голот на Рамос, Анри избегна офсајд и го совлада истрчаниот Касиљас. Французинот потоа ја напушти играта, а наместо него влезе Кеита. Но, и тоа не значеше крај на нападите.


Како натпреварот привршуваше, фудбалерите на Реал паднаа во очај, што гостите го искористија за целосен дебакл. Прво Меси во 75 минута го постигна својот втор гол, откако со Чави ја изиграа целата противничка одбрана, а голеадата на Сантјаго Бернабе ја заклучи Пике во 84 минута, постигнувајќи го историскиот 100 гол на Барса сезонава.



 

Copyright © 2009 selotejp.com