-->

Фридом Хаус: Македонските медиуми се делумно слободни

Македонија не напредува кога е во прашање слободата на медиумите. Според делумниот извештај на американската невладина организација Фридом Хаус, нашата земја се наоѓа на 98. место во светот, заедно со Босна и Херцеговина.

Извештајот го проценува степенот на слобода на печатените и електронските медиуми плус интернетот, а оценките се темелат врз законската, политичката и економската средина во која што работат новинарите. Според табелата на Фридом Хаус ова значи дека македонските медиуми и понатаму се само „делумно слободни“.

Ако е некаква утеха, повеќето балкански земји не стојат подобро од нас.Во извештајот се оценува дека подрачјето на Средна и на Источна Европа и поранешниот Советски сојуз претрпело најголемо опаѓање во медиумската слобода, а посебно се акцентираат убиствата на новинари во Бугарија и во Хрватска, како и нападите врз нив во Босна и Херцеговина.

На ранг листата на Фридом Хаус, Хрватска го зазема 81. место со оценка 38, па и таа влегува во категоријата земји со „делумно слободни медиуми“. Во истиот кош се Бугарија на 76. место, Црна Гора на 78 , Србија на 83. место и Албанија на 101-то.

Слободата на медиумите во светски рамки опаѓа веќе седма година по ред, наведува американската невладина организација.

Земјите со најлош статус на медиумите се Белорусија, Кина, Куба, Иран. На последното 195. место е Северна Кореја. Од друга страна, најслободни се медиумите во Исланд, Финска,Норвешка, Данска и Шведска. САД го дели 24 место со Чешка и со Литванија.

Извештајот на Фридом Хаус се појави спроти утрешното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите, кој ќе биде одбележан и во земјава. Здружението на новинарите на Македонија по повод 3 мај традиционално ќе се придружи на меѓународната акција „Пет минути громогласна тишина!“, која годинава ќе ја спроведе под мотото: „За достоинство на новинарите, за достоинствена професија“.

 

Copyright © 2009 selotejp.com