-->

„Некст тајм“ ја тестираа сцената во Москва


Забава
Рок-дуото „Некст тајм“, кое годинава ќе ја претставува Македонија на „Евросонг“ во Москва, веќе ја тестираше сцената во Олимписката арена. Близнаците Мартин и Стефан Филиповски, кои со својата екипа во Москва пристигнаа во петокот, ја изведоа својата „Нешто што ќе остане“ пред огромни ЛЕД-екрани и на Европа и покажаа хеви-метал. На сцената ги придружуваа двајца тапанари, а нивниот настап изгледаше моќно и самоуверено. Ваква е оценката за нашите претставници на официјалниот сајт на „Евросонг“.

Пробниот настап Мартин и Стефан го почнаа, стоејќи еден до друг во предниот дел од сцената, нишајќи со главите и тресејќи ги долгите коси. Облечени во лежерна облека, изгледајќи самоуверено, енергично и среќно ја изведоа својата песна целосно на македонски јазик. ЛЕД-екраните во заднината прикажуваа елементи типични за металот, трепкајќи во ритамот на музиката единствено со бела светлина. Официјалниот сајт на „Евросонг“ ја оцени песната „Нешто што ќе остане“ како модерен рок.

На првата прес-конференција на „Некст тајм“ во Москва Гордана Андрашевска, шефицата на македонската евровизиска делегација, рекла дека сите се презадоволни од првата проба, со исклучок на некои ситни решливи проблеми.

- Ова за нас е огромно искуство, бидејќи сме млад бенд - рекол Стефан.

Претставниците на 42-те земји кои ќе настапат на 54-тото издание на најголемиот европски музички фестивал веќе почнаа да пристигнуваат во руската престолнина. Освен „Некст тајм“ на сцената веќе продефилираа изведувачите од Црна Гора, Чешка, Белгија, Белорусија, Ерменија и Андора.

 

Copyright © 2009 selotejp.com