Во Македонија нема механизми и закон за заштита од мобинг, односно психолошко малтретитање и злоупотреба на работните места, беше истакнато на денешната трибина „Законско регулирање на мобинг-от“, во организација на ДОМ.
Постојат два вида мобинг, психолошка злоупотреба од претпоставен кон вработените и од група вработени кон поединец, а најчести жртви се емотивно слаби луѓе кои се откажуваат од својата средина, сметајќи дека тие го предизвикале проблемот.
Идејата за организирање на трибината според претседателот на форумот на жени на ДОМ Биљана Дејановска - Димитриевска, е да се обединат сите фактори, да се изнајде заедничко решение за намалување на ваквиот вид малтретирање и да се санкционира сторителот.
Антони Новотни, професор по невропсихијатрија, смета дека мобингот претставува психолошка злоупотреба чија цел е целосна психолошка дезинтеграција на личноста и оти бројките се застрашувачки.
- Мобингот предизвикува посттрауматско свесно растројство. Се работи за зачестено, фреквентно и хронично злоупотребување чија цел е психолошка деизинтеграција или уништување на личноста со понижување, дисквалификација и на крај да се прогласи за тотално работно неспособен. Најчесто се вели дека тие лица сами ги измислуваат работите, рече Новотни.
Според него, психијатрите во Македонија, лицата што се им обраќаат за такви проблеми ги сведуваат на тешкотии од работното место.
Инда Симиќ претставник на ССМ, истакна дека неколку години работат на овој проблем и оти го третираат во рамки на заштитата при работа. Таа посочи дека за тоа постои закон кој е донесен пред две години, но се уште не се применува.
Во Шведска околу 3,5 отсто од вработената популација е изложена на мобинг, а 15 до 20 проценти од извршените самоубиства се лица кои доживеале мобинг и поради психичките последици посегнале по својот живот. Потврдените извршители на мобинг, во Германија, пак, се казнуваат со една година затвор и најмалку пет илјади евра.