-->

Автобуските линии првпат распределени по електронски пат

Министерството за транспорт и врски денеска првпат по електронски пат изврши прелиминарна распределба на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓу општинскиот и меѓународниот превоз на патници.

- Воведувањето на електронската распределба на автобуските линии претставува инвестиција која ќе овозможи транспарентност во распределбата на автобуските линии, намалување на административните процедури, елиминација на човечкиот фактор и на можностите за корупција, истакна заменик-министерот за транспорт Љупчо Димовски, кој го активираше софтверот за електронската распределба.

Според Димовски, целокупната постапка го опфаќа процесот на аплицирање, евалуација, како и распределбата на автобуските линии што, како што оцени, е голем исчекор во промовирање на електронските сервиси и модернизација во работењето на Министерството за транспорт и врски.

Заменик-министерот за транспорт истакна дека електронската распределба ги ослободува превозниците од административните процедури за прибирање на потребната документација за аплицирање, а ќе се избегнат и проблемите при доставување на комплетната документација. Исто така, превозниците имаа можност во периодот на траење на огласот во секој момент да аплицираат повеќепати и да ги дополнуваат недополнетите апликации и да вршат промена.

- Системот ќе обезбеди и полесна контрола на одржувањето на линиите и возните редови и на исполнувањето на условите од превозниците врз основа на кој е издаден возниот ред, рече Димовски.

Од Министерството за транспорт и врски најавуваат дека конечната ранг листа со одобрените линии ќе биде објавена во најскор можен рок, откако ќе поминат постапките по евентуалните жалби од превозниците. Моментно има тековни 498 автобуски линии, од кои 280 во меѓуградскиот и 219 во меѓуопштинскиот сообраќај.

 

Copyright © 2009 selotejp.com