-->

Кројф крититува: Италијанците го 'убиваат' фудбалот!

Легендата на светскиот фудбал, Холанѓанецот Јохан Кројф, остро ја искритикува дефанзивната тактика на италијанските тимови и катастрофалната посетеност на стадионите во Серија А.


Ситуацијата во поголемиот дел од италијанските клубови е многу тешка, како од економски, така и од резултатски аспект. Последните неколку години, англиските екипи доминираат во Лигата на Шампионите, а Италијанците самата завршница од најелитното европско натпреварување го следат преку ТВ екраните.

Ниту оваа сезона, ниеден тим од Апенините не успеа да се избори за четвртфинале, а ако го изоставиме Удинезе, кој беше елиминиран во четвртфиналето од Купот на УЕФА од финалистот Вердер од Бремен, Италијанците разочараа и во најмасовното европско натпреварување.

"Не знам дали италијанскиот фудбал се наоѓа во најголемата криза досега, но очигледно е дека постојат големи проблеми. Најголемата загуба е во незаинтересираноста на публиката за тамошниот фудбал. Стадионите се засрамувачки празни и тоа најмногу загрижува" - изјави Кројф за италијанските медиуми.

Како пример за прекрасен тим, холандскиот експерт ја наведе Барселона, во која помина пет години како играч (1973-78), и дури осум сезони (1988-96) како менаџер на тимот од "Ноу Камп".

"Погледнете ја Барса, луѓето одат на стадионот бидејќи се сигурни дека ќе уживаат во играта на своите миленици. Во Италија само резултатот е важен, а не филозофијата на фудбалот, односно начинот на кој се игра. Италијанците не го прават тоа, тие го "убиваат" фудбалот", беше остар во критиките некогашниот фудбалер на Ајакс.

Скоро сите екипи во Серија А практикуваат дефанзивна тактика која ја усоврши милански Интер, тимот кој следното коло најверојатно ќе го прогласи четвртото последовно "скудето".

 

Copyright © 2009 selotejp.com