-->

Осумдесет до сто илјади луѓе во Македонија се астматичари

Осумдесет до сто илјади лица во Македонија (5,4 отсто) и повеќе од 300 милиони во светот се болни од астма, беше истакнато на денешната прес-конференција на Клиниката за пулмологија и алергологија по повод 5 мај, Светски ден на астмата кој годинава се одбележува под мотото „Вие можете да ја контролирате Вашата астма“.

В.д. директорот на Клиниката, проф-д-р Томе Стефановски изрази надеж дека набрзо некои од современите лекови кои се докажани дека дејствуваат против астмата ќе се најдат на позитивната листа.

Проф.д-р Ангелко Ѓорчев, национален координатор за астма истакна дека на позитивната листа недостигаат уште неколку лекови, што според него, ќе значат олеснување на тегобите на болните од астма, помалку инхалации, заштеда на средства, подобра и тотална контрола на болеста. Тој рече дека во 1994 година е формиран Центарот за астма при Клиниката и оти таков Центар немала ниту една земја во регионот и во Источна Европа.

- Затоа ние сме лидери во регионот во оваа област. Претходно имавме болни кои гушејќи се остаруваа, а денеска зборуваме за тотална контрола на астмата. Резултатите постигнати во изминатиот период - речиси 20 години без смртни случаи од астма во Македонија се должи на координираната активност и напорите на Клиниката, проект кој резултира минатата година со отворање 12 регионални центри какви што нема ниту една земја во светот, посочи Ѓорчев.

Тој објасни дека детската астма е алергична астма за разлика од астмата кај возрасните по 30 или 40 години каде станува збор за неалергична астма.

- Тоа не значи дека е различна клиничката експресија на болеста, туку дека причински алерген кај неалергичната астма не е утврден за разлика од причинскиот алерген кој со сигурност се утврдува кај децата. Задачата на антиастматичната кампања во Македонија е децата уште од најрана возраст болни од астма да бидат третирани со превентивен третман за да се спречи т.н. ремоделирање на дишните патишта односно дефинитивна фиброза која ќе ја ограничи функцијата и ќе биде вовед во ран инвалидитет подоцна во животот кај овие деца, додаде Ѓорчев.

Раководителот на Националниот центар за астма д-р Деска Димитриевска рече дека астмата и алергиските болести се болести на млада возраст и оти се афектирани децата, адолесцентите и целата популација.

- Бројот на лица со астма и алергиски болести се зголемува како резултат на општото загадување, алергирање на средината, односно се поголемиот број алергени во природата. Се очекува и натаму да расте бројот на заболени. Работиме на тоа контролата на астмата да ја подобриме и да ја доведеме на ниво кое ќе го следи зголемувањето на бројот на заболени. Значи наша цел е пациентите со астма и алергиски заболувања да живеат нормално како сите други пациенти, кои ги немаат овие проблеми, посочи Димитриевска.

Пациентите со среден степен на развој на болеста, како што беше речено, месечно за лекови, треба да одвојат од 2.500 до 3.000 денари.

Астмата се манифестира со тешко дишење, гушење, свирење во градите, кашлица, стегање во градите и недостиг на воздух. Ако не се воспостави добра контрола, болеста ги лимитира секојдневните активности на луѓето, а понекогаш може да биде и фатална.

 

Copyright © 2009 selotejp.com