На конференцијата, на која е најавено присуство на угледни членови од американскиот конгрес, од актуелната администрација и од невладините организации, Боцевски ќе зборува за клучното стратегиско прашање на Македонија – евроатлантската ингеграција.
- Ќе ги претставам македонските приоритети поврзани со интеграцијата, односно добивањето позитивен извештај и почнувањето преговори со ЕУ и завршувањето на процесот на визна либерализација, вели македонскиот вицепремиер.
Боцевски се залага за постојан пресинг на Македонија во светските метрополи за да се заокружи нејзината евроатланската интеграција.
- Тоа е генерациски проект на актуелната генерација македонски политичари, односно проектот Македонија силно да се всидри во рамки на институциите на западниот свет – ЕУ и НАТО. За остварување на таа цел потребен е секојдневен пресинг и ангажман од страна на македонските претставници и политичари тука во Вашингтон, Брисел и другите главни градови за да ја изложиме европската агенда на Македонија, рече вицепремиерот.
Во контекст на гостувањето на Глобалната конференција на Обединетата македонска дијаспора, вицепремиерот посочи дека иселеништвото е врзувачкото ткиво преку кое Македонија се презентира во САД, се зајакнува нејзината афирмација за влез во ЕУ и НАТО, а со тоа истовремено се афирмираат и македонскиот идентитет, култура и јазик.