Како што соопшти портпаролот на Секторот за внатрешни работи – Охрид, Стефан Димоски, екипи на охридската полиција со засилување од Единицата за брзо распоредување при МВР вчера кај автокампот „Андон Дуков“ затекнале во криволов шест лица од Охрид и едно лице од Струга.
Во акцијата била вршена и проверка на неколку камп-куќи, при што се пронајдени и запленети повеќе парчиња охридска пастрмка, друг вид риба, како и значителна опрема и алати за риболов. Покрај тоа, запленети биле и 19 пенти, како и 200 мрежи во вкупна должина до 800 метри. Димоски појасни дека СВР работи на документирање на настанот по што ќе следуваат кривични пријави.
Според податоците на СВР – Охрид, од почетокот на оваа година се регистрирани шест кривични дела „незаконит риболов“, а против девет лица се поднесени кривични пријави. Минатата година се регистрирани 11 кривични дела криволов, со поднесени девет кривични пријави против 13 лица.