-->

Пеперутката на корицата на „Супербрендс“

Сината филигранска пеперутка, познатиот примерок на градски накит од почетокот на минатиот век, кој е дел од етнолошката поставка на Музејот на Македонија, ќе биде претставена на корицата на првата публикација „Супербрендс“ за Македонија.

Овој артефакт е избран зашто е асоцијација на филигранската вештина типична за македонската култура. Музејот на Македонија го соопшти партнерството со „Супербрендс“, меѓународна организација од Англија, која од 1995 година досега ги идентификува најпознатите брендови во 83 земји во светот и нив ги објавува во годишни изданија во секоја држава. Покрај Музејот на Македонија, уште 24 бренда влегоа во конечната листа, објавени во публикацијата на „Супербрендс“ за Македонија, која ќе биде промовирана на 30 јуни.

Според претставникот на „Супербрендс“ Зоран Саздовски, првиот список опфаќал околу 1.100 бренда од земјава што за потребите на „Супербрендс“ ги обезбедиле маркетиншки агенции што го истражуваат пазарот. Од нив, околу 120 влегле во потесен избор, селектирани од стручен совет од педесет члена. Секој од 25-те бренда ќе биде претставен на четири страници во книгата (две на македонски и две на англиски јазик). Книгата со македонските брендови ќе биде дистрибуирана во сите 83 земји вклучени во „Супербрендс“.

- Голема чест ми е што сме во првата селекција, во првото издание на „Супербрендс“ во Македонија и што од селекторите сме препознаени како репрезент на културата – вели директорката на Музејот на Македонија Мери Пејоска.

Пеперутката од насловницата на изданието потекнува од почетокот на 20 век, изработена во комбинирана и сложена техника - филигран и емајл. Експонатот, кој пред неколку години беше во рекламни спотови за најдоброто од Македонија, во педесеттите години на минатиот век е откупен во Битола и сега е сопственост на Музејот на Македонија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com