-->

Анкета на Институтот за демократија

ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 24,9 проценти има најголем рејтинг меѓу политичките партии во државата, втора е СДСМ со 9,5 проценти, трета ДУИ со 7,1, а по нив следуваат Нова демократија со 2,6 и ДПА со 1,9 отсто.

Останатите партии уживаат доверба помала од еден процент, покажува анкетата на Институтот за демократија спроведена од 1 до 3 септември на репрезентативен примерок од 1.110 испитаници.

Процентот на испитаниците кои не дале одговор на прашањето „Доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале“, или воопшто не се определиле за ниту една партија изнесува 52,4 отсто.


Меѓу политичарите најголем рејтинг има премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за кого се изјасниле 27,1 отсто од анкетираните, а следи Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, со 8,5 проценти поддршка. Од албанскиот политички блок води лидерот на ДУИ Али Ахмети со 6,7 проценти, а по него се Имер Селмани од НД со 2,9 и Мендух Тачи од ДПА со 1,4 проценти. Над еден процент (1,1%) изнесува рејтингот и на актуелниот градоначалник на Гостивар Руфи Османи. На ниту еден политичар се изјасниле дека не му веруваат 36 проценти од испитаниците.

Во однос на перцепцијата за оценката на работата на најважните домашни и странски институции со можна оценка од еден до пет, кај домашните највисока оценка добиле Владата и претседателот на државата Ѓорге Иванов со просечна оценка од 2,95 односно 2,78. Невладиниот сектор за својата работа добил оценка од 2,96, а Собранието е оценето со 2,55, опозицијата со 2,47 и судството со 2,37. Средна оценка од 2,96 добиле и странските организации.

Запрашани за мислење за водечките политичари во државата, поголем процент позитивно мислење наспроти процентот на оние што негативно се изјасниле имаат само премиерот Груевски и претседателот Иванов за кои позитивно се изјасниле 46,8, а негативно 32,7, односно 37,6 наспроти 33,1 процент. Поголем негативен процент во однос на оние со позитивно мислење имаат Селмани (позитивно 35,5% - негативно 40,5%) Црвенковски (позитивно 23,4% - негативно 51,3%), Ахмети (позитивно 19,7% - негативно 54,4) и Тачи (позитивно 9,7% - негативно 65,5%).

Мнозинството од анкетираните граѓани ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

На прашањето како би гласале на референдуми за влез во ЕУ и во НАТО, поддршка за ЕУ искажале 83,9 проценти од анкетираните, а за НАТО се определиле 83,1 отсто. Негативен став во однос на двата референдума имаат осум проценти од испитаниците.



                                                                                              [ 06-09-2009 ]

 

Copyright © 2009 selotejp.com