-->

Хофенхајм заживеал поради судиска грешка од пред 20 години

Еден неправедно досуден пенал од пред две децении во натпревар за опстанок во седмата германска фудбалска лига веројатно е причина за сите денешни успеси на Хофенхајм во последно време.



Извесниот судија Хајнц Бекер во 75. минута од тој меч досудил пенал со кој екипата на Штепах го совладала Хофенхајм и го испратила во најнизок ранг на натпреварување во 1989 година. Натпреварот случајно го гледал поранешниот играч на Хофенхајм, Дитмар Хоп, денес милијардер и еден ден по незаслужениот пораз го повикал претседателот Дитмар Хофман и му ја понудил својата помош. Оттогаш досега Хоп во клубот инвестирал околу 175 милиони евра и го доведе во позиција да се бори за шампионската титула во германското првенство.

"Му се лутевме тогаш на судијата, но гледајќи од денешна перспектива, мислам дека можеме да му бидеме благодарни што играме во Бундес-лигата", објаснува Хофман.

Хоп долго време не ги посетувал натпреварите на Хофенхајм, а сега се присетува на тој судбоносен ден.

"Бевме во Карлсруе на некој отворен состанок. На враќање кон дома спонтано отидов на натпреварот и ден-денес не знам дали би го спонзорирал Хофенхајм ако тогаш не испаднеа", вели еден од најпопуларните и најбогати Германци во моментов.

Медиумите во оваа земја успеале да стапат во контакт и со фамозниот судија Бекер кој се уште се сеќава на моментот од пред 20 години.

"Навистина не знаев за ова. Се сеќавам дека пеналот го одлучи натпреварот, но не и дека е почеток на целата приказна. Се сеќавам и дека тогаш некој влезе во соблекувалната пред натпреварот и рече дека господинот Хоп е на трибините. Тогаш тоа ништо не ми претставуваше", изјави Бекер, сега пензионер кој за занимација работи како машиновозач.

 

Copyright © 2009 selotejp.com