МВР во соработка со Координативното тело за интелектуална сопственост изврши контрола на повеќе продажни места на Бит Пазар во Скопје, на кои се продавале пиратски ЦД и ДВД изданија со филмска и музичка содржина, како и фалсификувани брендирани производи.
Во акцијата на десет продажни места на физички лица (Г.Е., Н.П., К.Б., Б.И., М.З., Б.Н.,С.П., како и на три Н.Н. лица) беа откриени и запленети вкупно 2.786 пиратски ЦД и ДВД изданија. Против прекршителите, Министерството за економија – Државен пазарен инспекторат ќе поднесе прекршочни пријави согласно Законот за заштита на авторски и други сродни права.
На продажните места на правните лица „Пласет Тран“ ДОО сопственост на Е.А. и „Бест Стар“ ДОО сопственост на Б.Љ., откриени и одземени се вкупно 290 пара фалсификувани брендирани патики од марките „Најк“, „Адидас“ и „Пума“.
Против сопствениците и сторителите, МВР ќе поднесе кривичи пријави, а од Државниот пазарен инспекторат согласно Законот за трговија против прекршителите ќе бидат поднесени прекршочни пријави со запретена казна од 5.000 евра.
Во соопштението од МВР е наведено дека на неколку продажни места откриени и запленети се 24 килограми тутун, 110 штеки цигари, и 119 пара чорапи, пет сукни и една чанта. Против прекршителите по утврдувањето на нивниот идентитет ќе бидат поднесени соодветни прекршочни пријави.