-->

Британска двојка спасена по 40 дена во водите на Атлантикот

Еден Британец и неговата партнерка се пронајдени и спасени, откако 40 дена со својата јахта минале загубени во водите на Атланскиот Океан.

Стјуарт Армстронг (51) и Андреа Дејвисон (48) неповредени, но истоштени и исплашени, биле пронајдени од еден италијански танкер, по шест неделното бесцелно пловење во тешко оштетената јахта.

Во изјава од палубата на танкерот за британската телевизија Скај, Армстрог рече дека веќе почнале полека да губат надеж дека некој ќе ги открие во широкото морско пространство, откако утврдиле дека јахтата не плови никаде, туку само се движи во круг, а сите залихи од храна и вода ги имале рециси целосно истрошено.

Драмата на двајцата Британци почнала на шести јануари, само шест дена откако ги напуштиле Зеленортските Острови, покрај западниот брег на Африка и со јахтата се упатиле кон островот Антигва, на другата страна од Атлантикот, каде планирале да останат до април. На половина пат, јахтата доживеала тешка хаварија, трајно оштетувајќи го кормолото. Од тој момент, нивната 13 метри долга и 16 тони тешка јахта се претворила во платформа што само се одржува на површината на океанот.

Во моментот на хаваријата, јахтата се наоѓала на околу две илјади километри од Антигва. Патниците испратиле повик за помош, но бидејќи биле многу далеку од кое било копно, ниту една од крајбрежните стражи на земјите што го добиле повикот, не можеле да им помогнат.

Еден од апелите за помош го „уловил“ и италијанскиот танкер што конечно ја пронашол јахтата, а потоа неговите членови на екипажот ги извлекле двајцата патници.

Танкерот ќе ги остави Британците во Амстердам, по што тие конечно ќе може да се вратат во Велика Британија.

Британската двојка, кои потекнуваат од Манчестер и Њукасл, својата јахта досега живееле на шпанскиот остров Мајорка.

 

Copyright © 2009 selotejp.com