-->

Филип Морис полесен за 8 милиони долари

Судот на Флорида пресуди дека американскиот производител на цигари Филип Морис мора да исплати 8 милиони долари на една вдовица чиј маж умрел од рак на белите дробови, одлука која може да биде вистински преседан.

Елејн Хес не го доби своето првично побарување од неверојатни 130 милиони долари (практичен доказ дека понекогаш Холивуд може негативно да влијае на перцепирањето на реалноста), со образложение дека нејзиниот сопруг Стјуарт Хес сносел 58% од одговорноста за својата смрт затоа што се до "судниот ден" во 1997 година пушел по три кутии Benson & Hedges на ден. Како само ги пресметале процентите, тие си знаат. Хес починал на 55 годишна возраст, по повеќе од 40 години активно пушење.

После деветчасовно заседавање, поротата пресуди 2 милиони долари оштета да и бидат исплатени на Елејн Хес, а милион на нејзиниот син Дејвид. На производителот на цигари му изрекоа дополнителна казна од 5 милиони долари. Од "Филип Морис" веднаш најавија жалба.

Oваа пресуда која ја донесе поротата во градот Форт Лодердејл би можела да послужи како преседан за уште илјадници слични случаи кои чекаат разврска низ целиот свет.

 

Copyright © 2009 selotejp.com