Република Македонија води политика на добрососедство без разлика на тоа каква е позицијата на грчките влади во однос на македонската евроатлантска интеграција, изјави вицепремиерот Ивица Боцевски коментирајќи ја изјавата на шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани дека Владата во Скопје „го избрала патот на национализмот, будејќи ги балканските сеништа од историјата“.
- Историјата и припаѓа на историската наука. Историјата припаѓа на оние кои што темелно и научно си ја проучуваат. Она што ни припаѓа нам како политички лидери е да ги уредуваме односите во нашата заедница и да го унапредуваме животот на нашите граѓани. Во тој контекст пред неколку дена Владата на РМ го потпиша договорот за прекугранична соработка меѓу Македонија и ЕУ во делот на јужната граница кон Грција со што пративме една мошне јасна порака дека за нас благосостојбата на грчкиот граѓанин и на грчките бизниси, благосостојбата на грчкиот цивилен сектор е позитивна меѓу другото, затоа што праќа позитивна клима во целиот регион вклучитело и во Република Македонија. Ова е политиката која што РМ ја водеше без разлика на тоа каква беше позицијата на грчките влади во однос на македонската евроатлантска интеграција, рече Боцевски одговарајќи на новинарски прашања по регионалниот семинар за најдобри практики во менаџирање на билатерални програми.
Во однос на европската интеграција на РМ, тој повтори оти во последниот Извештај на ЕК како критична точка во 2009 година се посочени изборите и начинот на кој ќе бидат организирани. Поради тоа, рече Боцевски, Владата серизоно пристапи кон нив, со изработка на специјален акционен план врзан со имплементацијата на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, усвојувањето на Изборниот законик и активностите што ги презема МВР.
- Република Македонија со тоа јасно порача дека ја препозна и ја прочита пораката и најсериозно пристапува кон организирање на годинашните избори, рече Боцевски.
Запрашан дали очекува дополнителни тензии за време на изборите и кампањата особено поради лошата вербална комуникација меѓу одредени кандидати и нивните штабови, истакна дека не може да нема вербални тензии затоа што станува збор за политика, за една демократска, политичка заедница каде е природно да постои политички натпревар.
- Како кој го води тој политички наптревар е избор на самиот кандидат на неговата пристојност, политичка и демократска култура. Она што е битно е да видиме јасно соочување на идеи и концепти и потоа со засилена енергија со новиот претседател да пристапиме во Брисел, рече Боцевски.
Во однос на визната либерализација, посочи дека оценските мисии на ЕК завршиле и оти првичните наоди го потврдуваат извештајот за визите од ноември лани дека Република Македонија ги исполнува критериумите за визна либерализација.
- Очекуваме дека овој процес ќе заземе свој тек во однос на извештајот што треба да го даде Европската комисија, а потоа и процедурата во Советот на министрите. Очекувањата се дека во рамките на шведското претседателство ќе биде и гласањето во Европскиот парламент. Не може побрзо затоа што Европскиот парламент оди на избори кои се во јуни, а потоа следи конституирање на новиот парламент, рече вицепремиерот Ивица Боцевски.