-->

Бакојани: Никој не сака да преименува никого

Шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани во вчерашното обраќање пред Институт Брукингс во Вашингтон рече дека „се надева оти Владата во Скопје ќе ги сретне на половина пат и ќе се согласи на решение во кое обете страни ќе бидат победници“, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

На прашањето дали со оглед на тврдењето дека би прифатила решение со географска одредница од типот Република Северна Македонија, грчката Влада би го признала македонскиот народ, јазик, култура и идентитет како македонски или би инсистирала на нивна промена, Бакојани коментираше: „Никој не сака да преименува никого. Да бидам мошне јасна - Македонија е поширок географски регион. 51 процент од Македонија припаѓа на Грција, 38 на Бугарија, не знам колку точно мислам 37 проценти на ПЈРМ и 1 процент на Албанија. Ова е регион што во минатото имаше многу проблеми. За стабилноста во регионот мошне е важно проблемите од минатото да бидат закопани и заборавени, а не да се изнесуваат во годините што доаѓаат. Она за што ние говориме е ПЈРМ со придавка пред името Македонија, што разјаснува дека не говориме за целината, како и дека луѓето кои живеат таму припаѓаат на таа земја“.

Таа ја обвини Владата во Скопје дека „го избрала патот на национализмот, будејќи ги балканските сеништа“ и демантира дека Грција една година пред Самитот во Букурешт донела одлука да стави вето на приемот на Макеоднија во НАТО. Наместо тоа, рече Бакојани, Владата во Атина само решила да ја смени политиката од изминатите 17 години и да прифати име што содржи Македонија, но со географска одредница.

Прашана кога Грција ќе им даде целосни права и ќе ги признае малцинствата меѓу кои и македонското, Дора Бакојани одговори дека „секој европски граѓанин вклучително и грчките ги уживаат сите слободи и човекови права и дека тие се загарантирани“.

Грчката министерка за надворешни работи денеска во Вашингтон треба да се сретне со државниот секретар на САД Хилари Клинтон.

 

Copyright © 2009 selotejp.com