-->

Вселенскиот отпад им се заканува на сателитите

Стручњаците предупредуваат дека отпадот кој кружи околу Земјата по сударот на американскиот и рускиот сателит, може да биде "во близина" во наредните 10.000 години и да ги загрози другите сателити во особено густо "населената" орбита.

Шефот на руската вселенска мисија Владимир Соловјов изјави дека сателитите се судриле на висина од околу 800 километри, појас кој е прилично "прометен".

"На 800 км се наоѓа многу популарниот дел од орбитата кој е користен од сателитите за комуникација...групираните парчиња отпад (од судирот) претставуваат опасност за ваквите сателити", изјави Соловјов.

Според неговото мислење, најмалиот дел од тој отпад може да загрози летала изградени од полесни легури, бидејќи се движи со голема брзина. Рускиот и американскиот сателит имаа колизија во вторникот, во првиот пријавен судир на два сателити во орбитата.

НАСА соопшти дека ќе бидат потребни недели за да се утврдат сите последици од судирот. До сега се забележани четири случаи на случаен судир помеѓу вселенски објекти, но станува збор за помали инциденти кои вклучуваа отфрлени делови на ракети или помали сателити.

 

Copyright © 2009 selotejp.com