-->

Ден Браун по проверениот рецепт

Писателот Ден Браун својата кариера ја темели на оддавање на "строго чувани тајни", но овој пат низ медиумите испливаа тајни информации за неговата нова книга.

Во интервју за телевизиското шоу "Entertainment Tonight" филмскиот режисер Рон Хауард откри дека Ден Браун само што ја завршил својата трета книга за новите предизвици на харвардскиот професор Роберт Ленгдон.

За среќа на Браун, Хауард сеуште не го прочитал делото туку само најави дека писателот продолжува со испробаната формула на симболи и завери. Во американските медиуми се појави и работниот наслов на неговото ново дело - "Соломоновиот клуч", а дејствието е насочено кон расветлување на тајните на масонските друштва.

Неофицијално, во романот професорот Ленгдон ќе ги истражува тајните масонски симболи во главниот град на Америка, Вашингтон - тематика која и покрај многуте досегашни обработки, имајќи го во предвид реномето на авторот и мистиката околу масоните и влијанието во конституирањето на САД, гарантира успех.

Режисерот Рон Хауард ја направи филмската адаптација на "Кодот на да Винчи", бестселерот на Браун кој е продаден дури во 70 милиони примероци низ целиот свет. Хауард моментално работи на снимањето на филмот базиран на дејствието во книгата "Ангели и демони", уште еден од успешните романи на Ден Браун. А сосема сигурно може да очекуваме и трет филм, за некоја година.

 

Copyright © 2009 selotejp.com