Претседателите на ВМРО - ДПМНЕ, на СДСМ, на ДПА и на ДУИ, на вчерашната лидерска средба се запознале со процедурите и постапките во врска со комуникациите и информирањето за време на претстојните претседателски и локални избори за да се спречат евентуални инциденти.
- Оперативните планови на МВР за подготовка на изборите беа презентирани пред четирите најголеми политички партии, бидејќи цениме дека во изборниот процес клучна е улогата на политичктие партии и тие можат да бидат од огромно значење и важен фактор во организирањето на овој процес, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, денеска по официјалното отворање на полицискиот регионален тренинг центар во Идризово.
Таа порача дека МВР е отворено за секојдневна комуникација и изрази уверување дека со така воспоставената практика полесно ќе се разменуваат информации кои се релевантни и во делот на превенцијата, но и за откривање на инцидентите кои евентуално ќе се случат.
На новинарско прашање дали ќе биде можна ефикасна комуникација меѓу полицијата и изборните штабови на четирите политички партии за денот на изборите, Јанкулоска посочи дека и досега постоела добра комуниакција и не очекува проблеми во таа насока.
- Но, ценејќи го значењето на овој процес, затоа што се работи за два паралелни избора за претсеадтел и локални избори, ценевме дека е важно оваа идеја уште еднаш да се реафирмира, потенцира Јанкулоска.
Одговарајќи на новинарско прашање за настаниот инцидент во Струга во петокот кога беше прекината трибината на здружението „Граѓани за Европска Македонија“, министерката Јанкулоска информира дека во изминатите 48 часа се извршени разговори со 22 лица, кои се посочени како можни инволвирани во настанот. По завршувањето на разговорите, подвлече таа, најверојатно ќе следуваат прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир.