-->

Утврден редоследот на кандидатите за градоначалник на Скопје

Општинската изборна комисија на град Скопје денеска го утврди редоследот на кандидатите на избирачкото ливче за градоначалници за претстојните избори што ќе се одржат на 22 март.

Прва на избирачкото ливче ќе биде Мирјана Најчевска кандидат на Либерално демократската партија, втор е Шефкет Веколи од ДУИ, на трето место е Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи оваа партија, четврти Јанко Бачев од Народното движење за Македонија. Како петти на жребувањето беше извлечен Тито Петковски кандидат на НСДП и СДСМ, шести Страшо Ангеловски од ВМРО-ДП и ТМОРО-ВЕП, седми е Лазе Еленовски од Социјалдемократската унија, осми Душко Поповски од Либералната партија на Македонија, деветти е Трпе Груевски од Социјал-демократската партија на Македонија, десетти Драги Колчаковски од ВМРО-НП и единасетти е Аргетин Нагавци од Нова демократија. Пред почетокот на жребувањето беше соопштено дека комисијата ги прифатила сите кандидатури што пристигнале до неа.

Во текот на денешниот ден ќе биде извршено и жребување за редоследот на советничките листи за град Скопје.

Најдоцна до 25 февруари до полноќ ОИК треба да ги огласат во сите неселени места и на избирачките места во општините листите за градоначалници и за советите.

Изборната кампања и за претседателските и за локалните избори, што се одржуваат истовремено, почнува 20 дена пред изборите, односно на 3 март, а завршува 24 часа пред денот одреден за гласање.

 

Copyright © 2009 selotejp.com