Како да не им беше доволно што по долгите години работа во Мајкрософт им поделија откази, па неодамна отпуштените работници софтверскиот џин ги "почасти" со уште нешто.
Како што извести Ројтерс, сметководствената грешка довела до тоа на одреден дел од вработените кои беа отпуштени од Мајкрософт да им биде исплатена поголема отпремнина од онаа која им припаѓала. Отпуштените работници се известени дека ќе мораат да вратат дел од своите отпремнини.
Грешката во сметководството на Мајкрософт доведе до тоа да на некои од работниците отпремнините им се преплатени, додека на други им се исплатени износи помали од оние што требало да ги добијат. На оние кои добиле повеќе, Мајкрософт им испратил писма со молба да го вратат вишокот пари, додека на оние кои добиле помалку од тоа што им припаѓа, не им пратиле апсолутно ништо.
Од Мајкрософт не сакаат да го наведат точниот број на отпуштени работници на кои им се испратени спорните писма, но познато е дека и припаѓаат на бројката од 1.400 работници кои беа отпуштени минатиот месец.
Во наредните 18 месеци, Мајкрософт ќе отпушти 5.000 вработени.