Има ли нешто полошо од фактот дека имате полово-пренослива болест? Има, кога таа вест ќе ја дознаете преку СМС. Сепак, британските доктори сметаат дека ваквата пракса ќе ги поттикне младите почесто да се тестираат.
Жителите на западен Лондон на возраст од 16 до 24 години можат преку интернет да нарачаат бесплатен прибор за тестирање од хламидија .
Хламидијата е многу честа кај младите под 24 години и тестирањето за оваа болест во Лондон е веќе бесплатно, но на младите им е незгодно да го направат. Затоа преку овој начин, самите можат да се тестираат, а примерокот да го пратат на тестирање по пошта.
По анализите, резултатите ќе им бидат пратени на пациентите преку СМС порака. Докторите очекуваат дека ваквиот пристап ќе ги поттикне младите да се тестираат, имајќи во предвид дека целата процедура добива на анонимност.
Ако е резултатот позитивен, нема место за паника. Хламидијата лесно се лечи со антибиотици, а во случај на зараза многу е важно да се тестира и вашиот партнер.