-->

Економската криза се шири и во Источна Европа

Економската криза се шири и во Источна Европа, објави лондонски Тајмс. Медиумот се осврнува на фактот дека вредноста на акциите на берзите во Централна и Источна Европа оваа недела опаднала и се забележува дека на западните аналитичари им било потребно „необично многу време“ да реагираат на таков тренд.

Постои опасност, оценува Тајмс, дека во некои од државите во регионот кои се веќе во ЕУ ќе запре процесот на реформи додека земјите кои се уште не влегле во Унијата можно е поради финансиски тешкотии да се откажат од таа амбиција.

Унгарија, балтичките држави, Романија, Бугарија и Хрватска се споменуваат како земји со наголем степен на ризик за западните инвеститори.

Неволјите за тие држави почнаа неочекувано – во првата половина од минатата година нивните економии бележеа позитивен тренд, а веќе наесен им беше потребна финансиска помош од ММФ.

Тие држави на некој начин, тврди весникот, станаа жртви на сопствените политички амбиции – правеа се што им беше кажано од Брисел, но сопствените финансиски системи ги направија ранливи и зависни од западните трендови.

Целиот регион се надева сега дека парите од структурните фондови на Унијата ќе продолжат да стасуваат,а политичари во Брисел не смеат да заборават на оние и на новите членки на европското семејство.

 

Copyright © 2009 selotejp.com