-->

Милионерот од улицата со осум Оскари

Сламдог Милионер триумфираше на 81-вите награди кои ги доделува Американската филмска Академија освојувајќи 8 Оскари од вкупно 10-те номинации. Доделувањето на Оскарите мина без поголеми изненадувања кога се во прашање победниците по категории.

Љубовната приказна која го трогна светот но и членовите на Академијата ги доби златните престижни статуетки во следните категории: најдобра адаптација на сценарио (Симон Бофој), кинематографија, звук (Иан Тап, Ричард Прајк, Ресул Поклути), едитирање (Крис Дикенс), оригинална музика (А.Р. Рахман), песна (A.Р. Рахман, Сампоран Синг Гулзар - "Џаи Хо"), режија (Дени Бојл) и филм на годината (Оскарот го прими Кристијан Колсон, продуцентот на филмот).

Всушност, од сите категории во кои беше номиниран Сламдог Милионер загуби само во една (бидејќи во категоријата за најдобра песна овој филм имаше дури две номинации) и тоа во таа за звучна монтажа каде Оскарот го освои "The Dark Knight".

Филмот "трагичар" на вечерта е "Тhe Curious Case of Benjamin Button", кој од вкупно 13 номинации се избори за победа во само 3 категории - уметничка режија, шминка и визуелни ефекти.

Како што одеа и предвидувањата, така се делеа и признанијата на Американската филмска Академија. Одиме по ред: Оскарот за најдобра женска споредна улога го освои Пенелопе Круз за улогата на Мариа Елена во филмот на Вуди Ален "Vicky, Christina, Barcelona" во кој покрај неа глумат Скарлет Јохансон, Вики Хол и Хавиер Бардем.

Уште еден "зицер" кога се во прашање предвидувањата беше наградата за најдобра машка споредна улога е доделена постхумно на младиот австралиски актер Хит Леџер за неговото брилијантно портретирање на Џокерот во последниот филм од серијалот за Бетмен, "The Dark Knight". Оскарот за Леџер го примија негтовите родители и сестра, за сметка на неговата ќерка Матилда на која ќе и припадне ова признание откако ќе наполни 18 години. Хит Леџер е вториот актер кој постхумно добива признание од Академијата, после Питер Финч во 1977 година.

Во категоријата за најдобра главна женска улога, триумфираше Кејт Винслет за улогата на осудената наци-активистка Хана Шмиц во "The Reader". Винслет, која во шестиот обид конечно освои Оскар возбудено изјави дека ова е остварување на нејзините детски сништа кога пред огледалото во бањата со шампон во рака го замислувала овој момент.

Кога се во прашање најдобрите машки улоги, се водеше жестока битка помеѓу двата најголеми кандидати за ова признание, Шон Пен и Мики Рурк. Сепак, "приказната позади приказната" која провејува кога го гледате "The Wrestler", филмот во кој Рурк го прави својот кам-бек на големото платно после прилично турбулентниот живот не беше доволна и за членовите на Академијата, па Оскарот му го доделија на Шон Пен за неговата (рака на срце) феноменална и контроверзна изведба во филмот кој го опишува животот на Харви Милк, убиениот геј-активист од Сан Франциско во 70-те години на минатиот век. Примајќи го Оскарот за улогата во "Milk", втор за него во истата категорија по оној за филмот "Mystic River" (2003), се пошегува обраќајќи и се на публиката со зборовите: "Вие смешни хомо-љубни кучкини синови!"

Останатите добитници по категории се:

Најдобро оригинално сценарио - Дастин Ленс Блек, "Milk"
Најдобар анимиран филм - Ендрју Стентон, "Wall-E"
Најдобар краток анимиран филм - Кунио Като, "La Maison en Petits Cubes"
Најдобра костимографија - Maјкл О'Конор, "The Duchess"
Најдобар краток филм - Joшен Александер Фрејданк, "Spielzeugland"
Најдобар документарно остварување - Џејмс Марш и Сајмон Чин, "Man on Wire"
Најдобар краток документарец - Meган Милан, "Smile Pinki"
Најдобар странски филм - Јохиро Такита (Јапонија), "Departures"

Домаќин на доделувањето на Оскарите оваа година беше австралискиот актер Хју Џекмен.

 

Copyright © 2009 selotejp.com