-->

Кривична пријава за ограбувачот на "Уни банка"

Секторот за внатрешни работи во Скопје до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против лицето Д.Ј. (32) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“ стекнувајќи се притоа со противправна имотна корист во висина од 1.150.000 денари.

Пријавениот на 30 мај минатата година околу 16 часот во експозитурата на „Уни Банка“ на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, вооружен со пиштол и со кацига на главата им се заканил и побарал од вработените во експозитурата (Ј.Ќ и Х.Р.) да му ги дадат сите пари. Како што денеска соопшти МВР, вработените исплашени од заканата му дале 300 илјади денари и околу 850 илјади денари во разни девизи. По извршувањето на разбојништвото пријавениот се упатил кон подземниот премин на булеварот и заминал во непознат правец.

Скопската полиција против пријавениот на почетокот на месецов поднесе уште една кривична пријава за кривично дело „разбојништво“ сторено на 20 јуни лани во близина на експозитурата на Комерцијална банка на булеварот „Јане Сандански“, при што од благајник на АД „Скопски пазар“, заедно со уште две непознати лица одзеле вкупно над 830 илјади денари. Во претресот извршен во домот на пријавениот пронајден е еден пиштол (гасен) марка „екол дицле“ со калибар 9 милиметри.

Пријавениот Д.Ј. се води во казнената евиденција во СВР во Скопје како сторител на повеќе кривични дела како што се „одземање патничко моторно возило, „тешки кражби“, „измама“, „предизвикување општа опасност“, „фалсификување на исправа“, како и за „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“, за кои издржувал и затворски казни во вкупен период од две години и 11 месеци.

 

Copyright © 2009 selotejp.com