-->

Земјоделците од Прилеп незаинтересирани за осигурување на посевите

Прилепските земјоделци не покажуваат интерес да го осигураат родот. Ниту еден досега не се пријавил во Подрачната единица на ресорното Министерство за средства што ги дава државата, а кои треба да покријат 60 отсто од трошоците за осигурителна полиса.

Надлежните сметаат дека причина за незаинтересираноста најверојатно е недоволната информираност на производителите, но мора де земе предвид и тоа што, додаваат, осигурителните друштва изминатите години речиси одбиваа да им го осигураат родот или поставуваа крајно невозможни услови.

Лани, кога државата учествуваше со 30 проценти во вредноста на полисата, се јавија само петмина земјоделци. Годинава оваа поддршка е двојно зголемена. Станува збор за надомест за осигурување на примарното растително производство – градинарските, житните и фуражните култури. Важи за осигурување од основни ризици - град, пожар и гром.

Во Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп се надеваат дека земјоделците ќе ја искористат можноста да го осигураат родот зашто градот, последниве години, им одзема голем дел од вложеното.

 

Copyright © 2009 selotejp.com