-->

Заштитата на правата на сопственост и натаму предизвик за Македонија

Македонија е рангирана на 97-то место во Меѓународниот индекс за правата на сопственост, исто како и минатата година, а заштитата на правата на сопственост и понатаму остануваат предизвик.

Тоа го покажуваат податоците во најновиот глобален Меѓународен индекс на сопственички права, што го објави Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД.

Меѓународниот индекс за права на сопственост ги споредува физичката и интелектуалната сопственост со економската стабилност во 115 земји, кои претставуваат 96 проценти од светскиот БДП.

Во рангирањата на Индексот за правата на сопственост Македонија има 3,8 поени, исто колку и во 2008 година.

Од земјите во регионот Македонија е рангирана пред Србија (100), Албанија (104), Босна и Херцеговина (108). Хрватска, со 60-тото место, и Бугарија со 59-тото место, се рангирани за 30 места повисоко.

Индексот за права на сопственост во 2009 година вклучува 10 варијабли, поделени во три главни компоненти: правна и политичка средина, физички права на сопственост и интелектуални права на сопственост.

Според клучните компоненти на меѓународниот Индекс, во табелата на правната и политичката средина Македонија има 3,8 поени, што е за еден процент повисок од Индексот во 2008 година (3,7) и се наоѓа на 83-тото место.

Во однос на физичките права на сопственост македонската држава има 4,6 поени што е помалку од 2008 година (4,9), и се наоѓа на 94-тото место. Во областа на интелектуалните права на сопственост Македонија се наоѓа на 104-тото место со 2,9 поени.

- Од трите клучни копмпоненти на Индексот може да се забележи дека Македонија не се наоѓа ниту во првите 10, ниту во последните 10 земји од 115-те рангирани во Меѓународниот индекс за права на сопственост, соопштува Институтот.

Годинава, како и во изминатите три години, Финска е лидер на листата на земјите во Индексот за правата на сопственост со 8,7 поени од можни 10.

Оваа година, со 8,5 поени втората позиција ја зазедоа Данска и Холандија. По нив следат Австралија (8,1), Швајцарија (8,1), Австрија (8,1), Исланд (8,1) и Сингапур (8,1).

На дното на листата се наоѓаат Албанија (3,5), Нигерија (3,5), Парагвај (3,5), Азербејџан (3,4), Босна и Херцеговина (3,3), Чад (3,2), Гана (3,2), Бурунди (3,2), Зимбабве (3,2), Ангола (2,8) и Бангладеш која е рангирана на последното место со 2,5 поени.

 

Copyright © 2009 selotejp.com