-->

Apple го претставува новиот iPhone OS 3.0

Apple следната недела ќе ја претстави новата верзија на оперативниот систем за моментално најпопуларниот паметен телефон во светот - iPhone OS 3.0.


Иако сеуште официјално не е прецизирано какви новитети ќе донесе новата верзија на оперативниот систем на Apple, шпекулациите говорат дека Apple конечно ќе овозможи BlueTooth поддршка за iPhone, отворена за комуницирање со сите останати уреди. Телефонот и досега имаше BlueTooth, но тој е софтверски заклучен и функционира само со останатите Apple уреди.

Освен тоа, со новиот софтвер iPhone би требало да им овозможи на своите корисници и поддршка за A2DP Bluetooth output, односно висококвалитетно стерео искуство преку BlueTooth, нешто што не беше случај во претходните верзии на софтверот.

Според најавите, треба да биде воведена и опција за снимање видео клипови (нешто што досега беше возможно само со инсталирање на посебна апликација) и Flash поддршка за новиот Safari прелистувач, кој во новата верзија доаѓа со HTML 5 компатибилност.

Исто така, се спомнува и воведување на опциите за copy/paste, како и можноста за испраќање на MMS пораки - едни од недостатоците на софтверот кои злобниците до сега ги искористуваа за оцрнување на iPhone.

Настанот за презентација на новиот софтвер е закажан за 17-ти март, па останува да почекаме уште само неколку дена за да видиме што од ова е всушност вистина, а што само желба на корисниците :)

 

Copyright © 2009 selotejp.com