-->

СДСМ предлага Владата да отвори социјални продавници

СДСМ денеска на прес-конференција соопшти дека изготвила пакет мерки за справување со рецесијата. Партијата, меѓу другото, и сугерира на Владата итно да отвори т.н. социјални продавници во кои социјално загрозените групи граѓани ќе можат по повластена цена да ги купуваат основните животни продукти.

- Цените на намирниците би биле 30 отсто пониски од оние во трговската мрежа, а ќе важат за невработените, стечајните работници, бранителите, корисниците на социјална помош и семејствата на пензионерите и вработени со месечни примања под вредноста на потрошувачката кошница, рече потпретседателот на СДСМ Јани Макрадули.

Според СДСМ, субвенционирањето на 30-те проценти ќе го прави Владата со средства од Буџетот.

- Нашите анализи покажуваат дека корисници на социјалните продавници би биле околу 100.000 семејства, а тоа Владата ќе ја чини два милиона евра месечно. Овие средства би се обезбедиле со итен ребаланс на Буџетот, посочи Макрадули.

На прес-конференцијата беше обелоденет и документ за кој СДСМ тврди дека е Барање што го поднел кандидатот за градоначалник на Карпош од ВМРО-ДПМНЕ Саша Димиќ за издавање локациски услови.

- Ова е школски пример за конфликт на интереси. Димиќ како в.д. градоначалник не може сам на себе да си дава дозволи за градење и да си ги легализира сопствените градби. Тоа е спротивно на Законот за спречување корупција и Антикорупциската комисија мора веднаш да реагира, рече Оливер Спасовски од Изборниот штаб - локални избори на СДСМ.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со вториот круг на претседателските избори, Макрадули напомена дека Љубомир Фрчкоски досега не преговарал за гласови со ниту еден од оние што не продолжија во трката за шеф на државата.

 

Copyright © 2009 selotejp.com