-->

ДИК усвои четири приговори

Државната изборна комисија (ДИК) на седницата што траеше до утрово усвои три приговори поднесени од коалицијата предводена од ВМРО - ДПМНЕ и еден приговор од ДУИ што се однесува на избирачкото место 476 во општина Маврово – Ростуше.

На седницата ДИК ги разгледуваше приговорите што се однесуваа на гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите за избор на градоначалник и членови на советите на општините, односно Градот Скопје поднесени за изборите одржани на 22 март 2009 година.

Според соопштението од ДИК, на седницата е донесена одлука и за поништување на гласањата на избирачките места 2353 во општина Студеничани и избирачкото место 248 во општината Македонски Брод, а на избирачкото место 259 во Македонски Брод е извршена исправка на бројот на неважечки ливчиња.

Седницата ќе продолжи денеска во 13 часот, а притоа треба да бидат донесени решенија за неколку приговори, поднесени од СДСМ. Едниот од нив се однесува на проверката на поделбата на советничките мандати во општината Тетово. Другиот приговор се однесува на увид во изводите на избирачките списоци во шест избирачки места во општината Долнени, а врз основа на тоа може да се врши и увид во изборниот материјал. Последниот приговор за кој треба да се решава се однесува на пребројувањето на неважечките гласачки ливчиња на две избирачки места во општината Јегуновце.

Државната изборна комисија не ги усвои сите други приговори поднесени од Партијата за движење на Турците во Македонија, Група избирачи, Демикратија е ре - Партијата за нова демократија, ВМРО - ДП и ТМОРО ВЕП, Демократската партија на Албанците, Демократска унија за интеграција, Партијата на обединети демократи – ПОДЕМ, Партијата за демократски просперитет, Сојузот на Ромите од Македонија, Демократската партија на Турците на Македонија, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Либералната партија на Македонија и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Од ДИК најавуваат дека во текот на денов, на сите подносители на приговорите ќе им бидат доставени решенија. Според одредбите од Изборниот законик, во рок од 48 часа од приемот на решението, подносителите имаат право да поднесат тужба до Управниот суд, чија одлука е конечна.

 

Copyright © 2009 selotejp.com