-->

Бојл ќе го режира новиот Бонд?

Според британскиот таблоид The Sun, режисерот на "Slumdog Millionaire" Дени Бојл добил понуда да го режира најновиот филм од франшизата Џејмс Бонд.

"Дени е најактуелен во моментов и е буквално бомбардиран со понуди од филмските студија. Меѓу другите дојде и таа за режирање на 23-от филм за Џејмс Бонд директно од Барбара Броколи, раководителот на EON продукцијата која ги поседува правата за серијалот за тајниот агент. Тие се фасцинирани од неговата визија и мислат дека би се вклопил перфектно во новиот изглед на Бонд", изјавил неименуван извор на таблоидот.

Истиот продолжува: "Дени отсекогаш инсистирал дека е повеќе заинтересиран за филмот отколку за парите. Сепак, учеството на Дениел Крег и начинот на кои филмовите се сега структуирани - со нагласување на ликовите и содржината наместо бројните технолошки додатоци - може да го привлече Дени да ја прифати понудата. Секој во EON тимот смета дека Дени би бил идеално засилување за Бонд фамилијата."

Сепак, пошироката јавност оваа информација ја прима со резерва имајќи ја во предвид репутацијата на The Sun да објавува вести на кои на крајот редовно додава прашалник, како интерпункциско-естетски додаток на релевантноста на веста.

Бојл неодамна освои Оскар за најдобра режија за "Slumdog Millionaire", а во неговото резиме стојат и филмови како "Sunshine", "28 Days Later", "The Beach" и култниот "Trainspotting". Дали ќе го видиме како потписник на режијата на новиот Бонд, ќе покаже времето.

 

Copyright © 2009 selotejp.com