Саша Барон Коен прикажа 22 минути урнебесни кадри од својот нов филм „Бруно“ чија премиера се очекува за 10-ти мај.
Во филмот „Бруно“, Саша Барон Коен го глуми истоимениот австриски хомосексуален лик кој, баш како и Борат во претходниот филм на Коен, со својот отворен и провокативен пристап ја доведува околината во незгодни ситуации и на тој начин ги соочува луѓето со нивните сопствени тесноградни сфаќања.
Додека премиерата на филмот се очекува со нетрпение, неколку стотина фанови во Тексас имаа прилика да погледнат парчиња од новиот филм и како што известува Telegraph, со бучно одобрување го испратиле прикажувањето на филмот и му предвидуваат поголем успех од тој кој го постигна Борат.
Наместо навредливиот казакстански телевизиски новинар Борат кој ги „навредуваше“ Американците, хомосексуалецот Бруно сака да го освои Холивуд и да стане „најпознатиот Австријанец после Адолф Хитлер“.
Видео клипот кој ќе го видите е еден исечок од епизодите на имперсонификација на Саша Барон Коен како Бруно во неговото шоу - за жал единственото нешто со кое ќе мора да се задоволиме додека го очекуваме премиерното прикажување на филмот.