-->

Откриена тајната на мистериозната слика


Маслената слика со огромни димензии, насловена како „Расправа со Данте за Божествената комедија“, на која се прикажани 103 историски ликови и внимателно осмислени детали, стана вистинска Интернет-сензација.

Долго се шпекулираше кои се авторите, поточно од 2006 година, кога е создадена сликата, за подоцна ’интернет детективите’ да го ’преораат’ секој детал на сликата забележувајќи тројца ликови, во десниот горен агол, како од ѕитчето ги набљудуваат сите останати великани.


Кликнете за да ја видите сликата во голема резолуција!

Тоа се всушност сликарите Даи Дуду, Ли Тиези и Жанг Ан. Се претпоставува дека биле инспирирани од ренесансната фреска на Рафаел „Атинска школа“. Тогаш беа насликани античките филозофи, а денес историските великани, пишува британските медиуми.

Алистер Сук, новинар од културната рубрика на Дејли телеграф, вели дека оваа слика ги „рефлектира денешните кинески уметници кои го присвоиле западниот стил на живеење“.

Сликата на некој начин покажува кого светот денес го смета за лик кој секој пристоен член на општеството би требало да го знае. Секој што ја гледа сликата треба да се праша неколку работи. Ги познава ли луѓето, дали сите детали му се јасни, зошто некои се во грч, некои релаксирани, некои опуштени, зошто некои се пијани, а некои на коњи...

Истражувачите велат дека сликата е иконостас на медиумските икони, односно дека овие ликови се нашле на платното, бидејќи за нив се пишувало во последната година (пред да е создадена сликата), или се појавиле на светските насловни страници. Ако е така, зошто никаде го нема Мајкл Џексон или Парис Хилтон? Исус или Буда? Дејвид Бекам или Карла дел Понте?


Сликата е со големина 6 х 2,5 метри, па покрај ликовите, вклучува и некои градби, како што се Кинескиот ѕид, египетските пирамиди или Стоунхенџ.

На платното се на пример, поранешниот водач на СССР, Јосиф Сталин, и италијанскиот сликар Леонардо да Винчи во длабок разговор, рускиот премиер Владимир Путин ги одмора нозете покрај уморниот боксер Мајк Тајсон.

Многу прикажани ликови се Кинези, на пример пејачот Цуи Јиан, војсководачот Гуан Ју, сликарот Куи Баиши, поранешниот владетел Куин Ши Хуанг, револуционерите Сун Јат – Сен и Ден Ксиаопинг, војникот Леи Фенг или поетот Ли Баи се прикажани во пијана состојба, така што само што не паднале од столот.

Во центарот на сликата е кинескиот диктатор Мао Це Тунг, кој се смешка пушејќи цигара, додека зад грбот му стои кинескиот премиер Жу Енлаи.

Грб со грб јавајќи коњ стојат монголскиот војсководач Џингис Кан и францускиот Наполеон Бонапарта. А тука се и Брус Ли, Бил Гејтс, Бил Клинтон, Михаил Горбачов, Пабло Пикасо, кинескиот медиски могул Рун Рун Шо, потоа Тулуз Лотрек, Микеланџело, Лудвиг ван Бетовен, Сигмунд Фројд, Адолф Хитлер, па дури и Осама бин Ладен... Останатите обидете се сами да го погодите.

 

Copyright © 2009 selotejp.com