-->

Изуми од кои боли глава

Од година во година има се повеќе пријавени патенти и изуми, меѓутоа само мал број од нив завршуваат во практичната примена и навистина прават некоја промена во животот на луѓето. Во последните стотина години такво влијание секако немале периките од мачкини влакна, пикадо плочата на дување или маската против јадење.

Еве еден мал осврт на изумите кои веруваме дека ги користеле само нивните пронаоѓачи и евентуално, поблиската фамилија.

Кучешка торба за автомобил
Кога при крајот на 30-те години од минатиот век креативните умови смислувале начин за транспорт на кучињата во автомобилите (во време во кое не доаѓало во предвид за истата намена да се користи задното седиште на автомобилот), се сетиле на едно потполно бизарно решение. Во нешто што наликува на поштарска торба би требало да се смести кучето, а потоа торбата да се прицврсти од надворешната страна на автомобилот. Можеби кучето и би уживало во возењето со оглед на тоа дека тогаш автомобилите итале со брзини од 40 километри на час, но денес доколку некој би се одлучил на ваков начин на транспорт веројатно е дека после неколку стотици метри вашето куче магично ќе исчезне од неговата топла транспортна обвивка.

Мачкини перики
Пирсањето на мачките од неодамна премина во илегала бидејќи законот оваа постапка ја препозна како мачење на животните, но периките за вашето маче сеуште никој не ги забранил. Баш се шик и модерни, а сигурни сме дека и мачките би се сложиле со нас, доколку би знаеле да зборуваат.

„Прсти“ за iPhone
Откако сфатија дека iPhone, како и сите други уреди со екран осетлив на допир ќе има размачкан екран веќе при првото користење и на флеките ќе реагира многу полошо од диоптриски очила, креативците од една австриска фирма одлучија на ова да му стават крај. Како? Многу едноставно. Произведоа заштита од латекс за вашите прсти кои можеби ќе го заштитат вашиот телефон од масните отпечатоци но вам ќе ве претворат во човек кој очигледно ја пикнал раката некаде каде што не требало.

Инвалидска количка на педали
Прекрасно. За сите оние кои не можат да стојат, но сеуште можат да вртат педали, тука е Speedy! Speedy е еден вид на комбинација од инвалидска количка, Харли Дејвидсон и велосипедус вулгарис. И резултатот од спојот е навистина зачудувачки...Ја очекуваме Speedy Tour de France верзијата.

Пикадо табла на пумпање
Освен тоа што е со големината на подуена шолја за кафе, треба ли да се нагласи дека е сепак изненадувачки фактот што на некој му текнало да изработи табла на пумпање наменета за гаѓање со оштри стрелки? Секако, во цената е вклучен и комплетниот прибор за санирање на дупките.

Полнач на батерии
Значи, патувате некаде и нерадо откривате дека ви се испразнила батеријата од мобилниот телефон. Нема проблем, тука е полначот за батерии! Секако, ќе работи само доколку батериите му се полни.

Маска против јадење
Оваа жена од Сакраменто која како патент ја пријавила железната маска против јадење или премногу пати го гледала „Човекот со железна маска“ или ептен сакала да направи модерна верзија на појасот на невиноста. Нејзиниот патент стои како регистриран веќе неколку децении и постојат сомнежи дека кај и да е ќе се појави некој Ханибал Лектор кој ќе е љубител на синџири. И иако е маска против јадење, веројатно може да послужи и како одлична направа за мување на питбул.

Стапица за лажните пожарни тревоги
Магазинот Modern Mechanix во февруари 1938 година го објави постоењето на еден корисен новитет на пазарот. Имено, замката за лажни пожарни тревоги функционира така што со челик околу зглобот го заробува оној кој ќе се обиде поради шега да ја алармира полицијата и пожарната единица. До нивното доаѓање раката останува во челичната замка и на шегаџијата нема да му падне на памет уште еднаш да ја повтори невкусната шега. Него...што се случува кога навистина би имало пожар? :)

Најбизарниот додаток за Wii
Дека бизарните изуми не се резервирани само за некои минати времиња, докажува и овој додаток за играчката конзола Nintendo Wii. Значи, всушност се работи за направа со помош на која играте т.е. пеете јапонски караоке песни. И кога е во прашање легендарното јапонско караоке, нормално е дека микрофонот нема да е доволен. За цела среќа, тука е овој генијален изум за урлање кој потсеќа на дрвено-гумените направи за одзатнување на санитарни јазли, само што се става на уста.

 

Copyright © 2009 selotejp.com